Претседателот на Собранието Талат Џафери во понеделникот вечерта го потпиша законот за јазици, со кој албанскиот официјално станува службен јазик во земјава, по што го испрати на објавување во Службен весник.
Џафери на својот фејсбук-профил објави фотографија како го потпишува законот, под која и на албански и на македонски пишува ”Законот за употреба на јазиците и во Службен весник.”
Во членот 1 во законот стои дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, има содржина во ставот 2, која го израмнува на исто ниво на службена употреба и албанскиот јазик.
„Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик, согласно овој закон“, се вели во ставот 2 од првиот член.
По објавувањето на законот во „Службен весник“, покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.
Сите закони и други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, исто како и владините одлуки.
Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.
На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.
На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.
Претседателот Иванов два пати одбиваше да го потпише законот за употреба на јазиците кој беше изгласан од пратениците на СДСМ и ДУИ со поддршка на албанската опозиција. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата за гласање на законот. Законот за прв пат беше изгласан на 11 јануари, а по втор пат и на 14 март.
Му дадов доволно време на Иванов
Не чувствувам одговорност за потпишувањето на Законот и праќањето во Службен весник, тоа е моја уставна надлежност, рече во обраќањето претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Јас не чувствувам никаква одговорност за тоа што сум го презел како претседател на Собранието во рамките на институцијата и во рамките на надлежностите кои се дадени со Уставот. Му дадов доволно време на претседателот за двата указа, за Законот за јазици имаше време од една година и Законот за ратификација на Договорот од Преспа имаш 6 месеци, меѓутоа тој не го исполни своето уставно право, својата уставна надлежност така да јас го презедов тоа што е во рамките на мојата иституционална наделжност“, смета собранискиот спикер, кој потенцираше дека за промена на таблите и називите во институции во двојазични, во Законот е јасно потенцирано дека тие имаат рок од шест месеци да го имплементираат.
Фуснота за Иванов
Законот за употреба на јазиците во Службен весник е објавен само со потписот на собранискиот претседател, со фуснота за претседателот Ѓорге Иванов. Фуснотата појаснува од кои причини Законот е објавен без потпис на претседателот.
Под Законот и под Указот за прогласување на Законот, во Службениот весник стои:
Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците се објавува без потпис на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов од следниве причини:
-Секој е должен да ги почитува Уставот и Законите (член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија)
Како втора причина е наведена тоа што претседателот на државата, како што стои, е должен да го потпише законот, бидејќи на 14 март 2018 година и вторпат бил усвоен со мнозинство гласови од пратениците, според член 75, став 3 од Уставот.
Под Указот е потпишан заменикот на генералниот секретар на Собранието, наместо генералниот секретар, Цветанка Иванова.
Последниот дел од фуснотата објаснува дека „поради неизвршување на горенаведените обврски од страна на претседателот на Републиката“, а поради обврската од член 52 од Уставот, претседателот на Собранието е должен да го достави Законот за јазиците во Службен весник за негово објавување.