Град Скопје става на располагање 3,5 милиони денари кои што можат да се искористат за финансирање на проекти од областа на образованието. Здруженија и фондации можат да се јават на јавниот повик кој деновиве го распиша Град Скопје и да конкурираат со проекти за пет приоритетни области.
Во јавниот повик се бараат проекти кои ќе понудат креирање на безбедни училишни средини.
– Проектите треба да понудат психосоцијална помош на членовите на училишната заедница за справување со насилството преку обезбедување стручна поддршка за доследна примена на донесените механизми и протоколи за работа, како и промоција на позитивен вредносен систем – стои во јавниот повик.
Се бараат и решенија за подигање на свеста и грижата за животната средина преку формирање мрежа на училишни еко-клубови, како и преку унапредување на соработката и поврзаноста меѓу наставниците, учениците, експертите од областа на животната средина и јавните претпријатија на Град Скопје во воспоставување организиран систем за селекција на отпад, како и спроведување на континуирани акции за разубавување на животната средина.
– Едукација и промоција за градење на здрави животни стилови кај младите преку јакнење на свеста кај средношколците и пошироката јавност за личната одговорност во заштитата на сопственото физичко, психичко, сексуално и репродуктивно здравје. Специфична цел на проектот ќе биде да ја унапреди соработката меѓу наставниците, учениците и експертите од областа на здравјето во реализација на конкретни активности кои ќе придонесат за градење на здрави животни стилови кај младите – се вели во повикот.
Се бараат и проекти за истражувања и промоција на ученичките права, слободи и различности со цел да се иницира дебата меѓу младите луѓе на теми кои се релевантни за нивните идентитетски преокупации и да се даде стручна поддршка и помош поврзана со оваа проблематика.
– Поттикнување на индивидуалниот кариерен развој на учениците и давање дополнителна помош и поддршка на наставниците и учениците во активностите за планирано насочување и градење кариера на учениците. Организирање манифестации на кои ќе се презентираат училишните постигнувања, ќе се промовираат најдобрите ученици и ќе се претстават резултатите на воспитно-образовната дејност пред пошироката јавност – се бара во јавниот повик кој ќе трае до 29 јануари 2019 година.
(С.Бл.)