Снегот ги отсече Голо Брдо и Гора од светот

58

Македонско друштво „Илинден“, со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, алармира на тешката состојба во областите Голо Брдо и Гора предизвикана од обилните снежни врнежи и ниските температури.

– Врнежите од снег во изминатите денови и ниските температури создадоа тешка ситуација во областа Голо Брдо и Гора. Сите патишта кои водат до областа Голо Брдо и областа Гора се целосно блокирани. Македонците и другите жители во двете области се отсечени од светот. Резервите на храна се при крај, а немаат ни основна здравствена заштита – стои во соопштението на друштвото.

Апелираат до Владата на премиерот Еди Рама, локалните власти на Булќиза, Либражд и Кукс итно да преземат неопходни мерки за да се пробијат патните правци кои овие области ги поврзуваат до градските центри.

И албанските медиуми јавуваат за завеаните села во овие области и оти жителите почнале самоиницијативно со теренски возила и лопати да ги оспособуваат главните патишта.