Концертот на српските солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац, кои на 12 јануари ќе настапат во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со Српскиот камерен оркестар, заради ниските зимски температури, наместо во црквата „Света Софија“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот, информираат од фестивалската дирекција.
На репертоарот се дела од композиторите Џоакино Росини, Фредерик Шопен, Рудолф Сичински, Фриц Крајслер, Едвард Елгар, Франц Лехар, Петар Илич Чајковски, Пјетро Маскањи, Клод Дебиси, Јохан Штраус и Емерих Калман.
Овој настан во областа на класичната музика, Националната установа „Охридско лето“ го посветува на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.