Интервју со вајарот Андреј Миневски: Од отпадот правиме нешто добро за сите

132

Скопскиот вајар Андреј Миневски (26) во паркот, во населба Методија Андонов – Ченто на 15 декември постави три скулптури на праисториски животни изработени од метал.

Изложбата насловена „Од граѓаните за градот“, поддржана од Општина Гази Баба, е поставена на 15 декември и ќе трае до 15 јануари.

Скулптурите се од отпаден метал и се изработени со техниката – заварување. Тоа е трета по ред самостојна изложба на Миневски.

Тој покрај самостојните изложби има учествувано и на голем број групни изложби. Трите скулптури подоцна ќе ги изложи и на фестивалот во Белград „Дев9т“.

Зошто го одбравте металот за изработка на скулптурите, пред се отпадното железо?

-Отпадното железо е малку поразлично од другите техники, поинтересно е и постојат разни комбинации кои можат да се искористат при изработка на скулптурата. Предност е и тоа што можат да се изберат делови од отпадното железо, како на пример некој стар дел од автомобил, што може да се вклопи во скулптурата. Рециклирањето е сега во тренд, а бидејќи ја затрупавме нашата земја со отпад, идејата беше да собереме дел од отпадот и да направиме нешто добро за нашата земја.

Зошто се определивте да поставите големи скулптури?

-Поголемите скулптури се поинтересни и повозбудливи за изработка. За мене претставува предизвик поради тоа што се можеби потешки за изработка и треба малку повеќе концентрација. Исто така, како што напоменав има повеќе простор за избор и повеќе делови да се вклопат во скулптурата за да излезе на пример нога, рака или глава.

Колку време Ви е потребно да изработите една скулптура?

-Изработката на скулптура зависи од големината и од спектарот на отпадно железо. За да изработам една скулптура ми беше потребно од два до три месеци. Сепак потребно е поголемо количество отпад за да може да се изработи голема скулптура.

Какви се реакциите на изложбата „Од граѓаните за градот“?

-Скулптурите се секогаш понтересни за децата, но им се допаѓаат и на повозрасните. Тоа што го работам, пред се е за децата, да бидат среќни.

Од каде црпите инспирација, имате ли омилен скулптор?

Омилен скулптор ми е Микеланџело, поради деталите во неговите скулптури. Микеланџело работел со мермер, а јас со железо. Најмногу инспирација црпам од него. Микеланџело верувал дека е поважно да се создадат фигури со јасни црти.