Младите струмичани хуманитарно донесоа диско забава за Божиќ

55

Седумдесет ученици од гимназијата „Јане Сандански“ заедно со нивните професори Анита Станковска, Денис Кирчанов и Полина Ашикова деветти пат го приредија традиционалниот божиќен хуманитарен концерт. На годинашниов, на сцената во НУЦК „Антон Панов“, ги донесоа диско хитовите од познати и популарни изведувачи од минатиот век.

Празничниот и тематски концерт годинава беше со наслов „One way ticket“, а со таа нумера беше отворен.

Со прекрасни аранжмани и кореографија солистите, хорот, бендот и ритмичката група во еден здив ги отпеаја и одиграа диско хитовите на ABBA, Boney M, Bee Gees и многу други, кои ги полнеле подимумите некогаш.

Синоќа се одржаа два концерта, а поради големиот интерес на публиката ќе се одржи уште еден вечер.

Собраните средства од концертите се наменети за обезбедување музичка опрема и опремување на кабинетот по музика на струмичката гимназија.