Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Матијашевиќ, е оптимист пред клучните два натпревара во квалификациите за Европското првенство.
„Црвено-жолтите“ утре гостуваат во Запорожје, кај репрезентацијата на Украина, а потоа на деветти јануари во Скопје ја пречекуваат селекцијата на Унгарија.
Македонија има шанса и со една победа да биде втора и да се пласира на Европското првенство врз база на збирот на победи и на бодови.
- Одбојка ќе се игра во Македонија и по овие два натпревара, особено ако се квалификуваме, тогаш ќе биде попријатно да се игра. Не би рекол дека е последна шанса, но сигурно е најголема досега. Јас верувам во оваа екипа и верувам дека ќе ја искористиме шансат. За мене прва приказна е Украина. Наша цел е да ги нападнеме со се и сешто и да добиеме барем еден сет. Украина е најдобра во групата и го покажа тоа со резултатите. А ако добиеме сет, зошто не и два? Ако добиеме два, зошто не и три? Еве, тоа е некоја филозофија за која што јас мислам дека е вистинска. Ние треба да се бориме за секој сет, па ако може и да го добиеме натпреварот, а ако го направиме тоа, шансите ќе бидат многу големи, вели Матијашевиќ за веб-страницата на Одбојкарската федерација на Македонија.