Старата година ја испративме, новата пристигна, будејќи ја надежта дека ќе биде многу подобро и дека ќе ги оствариме целите на животот.
Секој пристапува на различен начин и очекува тоа што за него е најзначајно да му биде реализирано. Главната цел на болниот е да оздрави; осамениот посакува да ја пронајде љубовта на својот живот; невработениот копнее да се вработи; вработениот да биде задоволен од тоа што го работи и да напредува во кариерата; сиромавиот барем за миг да се спаси од проклетието на немаштијата и од синдромот на преживувањето; тој што загубил блиска личност, посакува да се врати назад во времето и да ја промени судбината која не може да биде промената; за поединецот кој поминал низ тешки животни ситуации најважно е да излезе од кризата и да тргне напред кон поубавата страна на постоењето итн.
Значи, секој негува одредена надеж и гради очекувања дека ќе биде многу подобро или конечно ѕвездите ќе му бидат наклонети да го оствари тоа што го посакува.
Не постои човек кој не посакува да биде среќен, успешен, исполнет и во мир со себе. Тоа не е лесна задача, посебно ако се настапува мегаломански и се очекува сите овие категории постојано да бидат присутни во животот. Кога претеруваме во барањето на идеалот, тогаш нужно ги пропуштаме малите обични радости од кои започнува сé и кои вистински може да не направат среќни.
Да се биде успешен и реализиран на професионален план е значаен сегмент на среќата, но не и клучен за да бидеме во хармонија со себе и целосно исполнети во животот. Парите го вртат светот, но не можат да го купат здравјето, да ја создадат искрената и посветена љубов и да го донесат мирот во душата, доколку опсесивно му робуваме на материјалното. Истото важи и за љубовниот однос, кој понекогаш може да биде исклучително болен и фрустрирачки за лицето кое искрено, верно и посветено ја споделува својата емоција. Впрочем, невозвратената љубов, прељубата, разочарувањето и осознавањето на лажната слика за чесност и моралност на другиот, претставуваат сериозни удари на судбината кои го нарушуваат мирот и ја бркаат среќата од животот.
Тогаш, која е таа вредност што може да гарантира повисоко ниво на среќа и исполнетост во животот?
Не постои поголема среќа од хармонијата која ја имаме кога сме во мир со себе и кога без грижа на совест, чувство на вина и душевна непоматеност патуваме кон предизвиците на постоењето. Да се воспостави таквата состојба на духот, воопшто не е лесно, бидејќи разните искушенија, притисоци, наметнати очекувања и односи со константно незадоволните и негативистички ориентирани поединци може сериозно да не оддалечи од мирот со себе и духовната хармонија.
Емоционалната ранливост за се и сешто, егзистенцијалната несигурност, давањето преголемо значење на минатото, другарувањето со токсичните луѓе и стравот од иднината се сигурен доказ дека сериозно сме се оддалечиле од патот кој води кон душевниот мир и чувството на исполнетост.
Што треба да направиме за да се вратиме на колосекот на мирот, среќата и внатрешната хармонија?
За почеток, треба да ги пронајдеме и препознаеме убавите нешта кои ги носиме во својата душа, односно да преиспитаме со што се карактеризираме и какви вредности поседуваме. Потоа, да се свртиме малку кон минатото и да согледаме колку радости, успеси и убави ситуации имаме проживеано, ставајќи го акцентот на годината што измина и на сето убаво што во текот на таа година го имаме доживеано. Тоа ќе придонесе да го подготвиме духот за убавите нешта во иднината, креирајќи го умот според законот на позитивните вибрации.
Кога постојано се жалиме и предност им даваме на лошите искуства, потенцирајќи го тоа што не сме го постигнале, успеале или загубиле, тогаш на законот на отпорот и негацијата им овозможуваме длабоко да се вселат во нашето био поле и да ни го отежнат развојот кон афирмативните и креативни вредности на постоењето.
Патот кон внатрешниот мир и среќата никогаш не започнува со зависност од туѓите сугестии и влијанија, туку од преземањето одговорност за сопствениот живот. Тоа подразбира да не се товариме себеси со нештата што другите ги прават или не сакаат да ги разберат. Треба да сфатиме дека никому не може да му дадеме повеќе од тоа што е способен да го прими и дека секој постапува врз основа на нивото на свест и совест што ги поседува. Затоа, не можеме да бидеме одговорни за туѓите постапки, може да бидеме одговорни единствено за своите реакции. Кога животот не го креираме според тоа што другите го размислуваат, прават или наметнуваат, туку врз основа на сопственото чувство за морал, правда, совест и свест за вистинските вредности, тогаш градиме темел за постигнување внатрешен мир и духовна исполнетост.
За да бидеме среќни, смирени и исполнети не ни се потребни лицата кои константно очекуваат да направиме нешто добро за нив и кои постојано ги наметнуваат своите желби, очекувања и потреби. Напротив, најголема среќа е кога сме на безбедна дистанца од таквите поединци, кои водејќи се од тесните интереси, неморалот, лагите и манипулациите може сериозно да не исцрпат на психофизички план и оддалечат од мирот и хармонијата на животот.
Затоа, треба да бегаме од сите оние кои не бираат начин да ни ја срозаат самодовербата и прават се за да се чувствуваме безвредно, неспособно и несигурно. На таквите единки не треба да им се правдаме, да ги поткупуваме со разни услуги, да очекуваме дека ќе не засакаат ако ги даруваме со искрена љубов, ниту да им докажуваме дека сме достојни, со цел да почнат убаво да се однесуваат со нас. Наспроти сето тоа, едноставно треба да сфатиме дека некои лица се создадени да искористуваат, лажат, изневеруваат и манипулираат, барајќи жртви кои беспоговорно ќе им ги прифаќаат барањата и исполнуваат потребите. Ако тие се такви создадени, ние не смееме да станеме наивни, туку да бидеме доволно мудри да ја научиме лекцијата и никогаш повторно да не наседнеме на туѓата слаткоречивост, лажната насмевка, камелеонскиот лик и разните мегаломански ветувања.
Знаење е да умееме да се избориме со проблематичните лица и ситуации, а мудрост е да не дозволиме негативните лица да не доведат во проблематични ситуации. Дури и ако тоа се случи, не треба да бегаме од предизвикот и да се повлекуваме во себе, стравувајќи од судбината и моќта на другите. Напротив, треба да бидеме силни и непоколебливи, зашто како што велел Махатма Ганди: “Кога има бура малите птици бараат начин да се сокријат, додека орлите уште повисоко летаат”.
Некои луѓе се карактеризираат со голема отпорност и способност за опоравување и снаоѓање и во најкритичните животни ситуации. Нивното главно мото е дека тешкотиите го јакнат духот на човекот и претставуваат значајно искуство од кое може многу да се научи за вредноста на животот. Тие знаат дека е невозможно целосно да се биде дистанциран од страдањата и имун на ударите на негативните лица и тешките животни ситуации. Во нивната филозофија на размислување провејува концептот дека бурите на животот не постојат за да го уништат оптимизмот и скршат духот, туку за да поттикнат уште поголема отпорност и способност за справување со тешкотиите.
Да се оди напред, без оглед на ограничувањата е знак за голема внатрешна сила и помирување со вистината дека ништо не е вечно – и најголемата бура ќе помине, како што и најсилната радост ќе исчезне. Впрочем, како што вели писателот Харуки Мураками: “Штом ќе помине бурата, нема да се сеќаваш како си преживеал. Нема да бидеш сигурен ниту дали таа навистина поминала. Но, една работа ќе биде сигурна. Кога ќе ја преживееш бурата, нема повеќе да си истиот човек како и пред тоа. И токму заради тоа бурите постојат”.
Значи, постојат за да не научат вредни нешта за самите себе, за тоа со какви луѓе сме фатиле да имаме работа, но и за силата или слабоста на нашиот дух поставен пред граничната ситуација – да се биде или не. И конечно, откога ќе се справиме со негативните лица и проблематичните животни ситации, нужно ќе сфатиме дека инвестирањето во духовноста, личниот развој, мирот во себеси и позитивните вредности се најмоќното орудие за избавување од животните бури и тешкотии.
Тогаш, духовната отпорност и осознаената мудрост ќе не соочат со најголемата вистина на постоењето: Секогаш и секаде на прво место треба да ти бидат здравјето, љубовта во срцето, душевната исполнетост и внатрешниот мир, зашто кога нив ги имаш – имаш сé
(авторот е доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој)