На Плетвар забрана за тешки товарни возила, поради силен ветер и снег

59

Поради силниот ветар и наносите од снег на коловозот, од околу 15 часот на сила е забраната за тешки товарни возила на превојот Плетвар кај Прилеп.

Според Сашо Цветкоски, раководител на подружницата на „Македонија пат“ во Прилеп  имаат доволно песок и сол за коловозот, но ветрот прави проблеми.

-На коловозот има остатоци од кашест снег, но силниот ветер на превојот прави наноси од снег и затоа е активирана забраната за тешките товарни возила. Инаку, за сите други возила сообраќајот се одвива без застој. Ќе следиме како ќе се одвива ситуацијата во текот на вечерните и ноќните часови. Инаку, сите регионални патни правци во Oпштината се проодни. Дополнително ќе пратиме возило за патниот правец кон Мариово зашто е од трет степен. Имемо доволно количество песок и сол за посипување на коловозите, вели Цветкоски.

Во Прилеп нема проблеми во сообраќајот. Снегот што од синоќа непрекинато паѓа, не предизвика поголеми проблеми во сообраќајот на територијата на општината, информираат градските власти.

Синоќа и во текот на денешниот ден, низ улиците на градот и околните населени места, фрлени се 70 метри кубни ризла и 35 тони сол. Сите улици и локални патишта се проодни. Доколку за тоа постои потреба, екипите задолжени за зимско одржување на улиците и патиштата, се подготвени да интервенираат и во текот на ноќните часови, објаснувата од прилепската локална самоуправа.