НАТО не го потврдува писмото на Столтенберг за Преспанскиот договор

48

НАТО не ја потврдува информацијата објавена вчера во грчкиот весник „Катимерини“ дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку писмо побарал процесот околу Договорот од Преспа да заврши до 15 февруари, порача по писмен пат официјален претставник на Алијансата за МИА.

-НАТО јасно стави до знаење дека го поздравува Преспанскиот Договор и дека на Атина и Скопје е да го имплементираат договорот. Не ги коментираме дописите на Генералниот секретар, но дозволете ми да повторам дека НАТО не игра улога во имплементацијата на Преспанскиот договор, што целосно зависи од Скопје и Атина, изјави за МИА претставникот на Алијансата.

МИА вчера ги пренесе информациите на грчки „Катимерини“ според кои “НАТО посакува најбрз можен процес“ и дека “постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој бара завршување на процесите во целост и во двете престолнини до 15 февруари 2019“.

„НАТО не го потврдува ниту писмото, ниту неговата содржина“, порача претставникот за МИА.