Цензусот неизвесен, се повеќе кандидати ја меркаат вилата на Водно

91

Во партиските штабови веднаш по божикните празници ќе се сумираат резултатите од внатрепартиските анкети за претстојните претседателски избори. Иако шпекулациите се засилуваат, ниту една од партиите официјално не излегла со конкретен кандидат за претседател на државата. Она што веќе е познато е дека претседателските избори ќе се распишат на 3 февруари.

По гласањето на уставните измени, што се очекува да заврши во првата половина на јануари, партиите ќе ги финализираат подготовките за претседателските избори и ќе излазат со свој кандидат. Премиерот Зоран Заев повторно ја отфрли можноста со претседателските избори напролет да се организираат и предвремени парламентарни избори.

– Јас останувам на мојот став да нема потреба од предвремени парламентарни избори, но јас сум само еден од политичките чинители во Македонија. Јас ќе го елаборирам мојот став, но и мојата политичка парија нема отворено дебата. СДСМ крајот на јануари ќе ја отвори таа дебата, коалиционите партнери ќе ја отворат дебата и ќе носиме одлуки. Уште еднаш го кажувам мојот став. Кога толку вложивме во интеграциите, изградивме пријателство со сите соседи и решивме децениски спорови, треба да бидеме себични, да не бидеме реални кон државата и да се водиме од политички интерес за да одиме на избори. Ова целото што го правиме, ако успее процесот кај нас и во Грција, треба да го искористиме да дадеме шанса на економијата, да ги собереме економските плодови. Верувам дека треба да дадеме шанса на тоа. Мојата партија прави пресметки дека сега е најдоборо време, ќе имаме четири нови години, тоа е примамливо. Но со избори ќе изгуби Македонија, на таков начин отвораме агрегат од 4-7 месеци, кој ќе влијае на економијата, затоа што не се само изборите и кампањата, се застанува: мандатот, конституирање на парламент, формирање Влада, преговори итн. На луѓето им е преку глава, затоа даваме шанса на потребите на државата, а ние политичарите нашите потреби и планови да ги ставиме во втор план, изјави Заев.

Партиите на власт, СДСМ и ДУИ најавија заеднички кандидат. Во недостиг на официјални и потврдени информации во јавноста се шпекулира со имињата на Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, но и Бујар Османи, кои во претседателската трка би би биле заедничко решение за социјалдемократите и интегративците.
Дополнителен предизвик и за власта и за опозицијата е високиот цензус од 40 проценти за претседателски избори. Тоа, според проценките, е дополнителен мотив за да се размислува во насока на коалиција СДСМ-ДУИ за претседателските избори, односно единствен, и заеднички кандидат за претседател.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ кандидатот за претседател ќе го избере на партиска конвенција најавена за 16 февруари, а претходно ќе биде распишан јавен оглас, кој според најавите ќе се распише најдоцна до 11 јануари. Фаворити за опозицијата, според она што се шпекулира во јавноста се поранешниот министер Трајко Славески и универзитетската професорка Тања Каракамишева.

Мандатот на претседателот Иванов истекува на почетокот на мај. Според Уставот изборот на нов претседател се врши во последните 60 денови од мандатот на претходниот. Тој на функцијата претседател стапи во април 2009 година, кога го победи кандидатот на опозицијата Љубомир Фрчкоски. Потоа беше реизбран во 2014 година откако освои повеќе гласови од неговиот противкандидат Стево Пендаровски.
Дали на овие избори, земјава ќе го добие, првиот претседател- жена е дилемата што неодамна ја отвори весникот “Вечер”.

Се шпекулира дека Радмила Шекеринска, Солза Грчева, и Тања Каракамишева, иако досега официјално не потврдиле, можно е да бидат кандидати за шеф на државата.
Вицепремиерката и министерка за Одбрана, Радмила Шеќеринска, е политичарката за која јавноста наголемо зборува дека е сигурен претседателски кандидат. Во својата богата политичка кариера извршувала голем број високи партиски и државни функции. Иако беше претседателка на СДСМ од 2006 до 2008 година, сепак, најголем успех нејзината кариера достигна во периодот од 2002 до 2006 година кога беше заменик-претседател на Владата, задолжен за европска интеграција и координатор за странска помош. За време на тој нејзин мандат, Република Македонија го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската Унија.

Солза Грчева, претседателка на новоформираната партија на центарот Глас за Македонија и поранешна пратеничка на СДСМ, позната по острите критики за политиките на власта, но и на најголемата опозициска партија, многумина ја гледаат како вистински претседател на сите граѓани.

Професорката по уставно право и политички систем, Тања Каракамишева, и член на Венецијанска комисија е третата во групата моќни жени кои имаат поддршка за највисоката функција. Позната е по жестоките критики на своите политички ривали, но и на исто толку жестоката поддршка за сите досегашни одлуки на претседателот Ѓорге Иванов, кои беа критикувани во јавноста. Каракамишева е претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ и ужива голем углед кај членовите на опозицијата. Токму Каракамишева го придружуваше лидерот на најголемата опозициска партија на лидерските средби пред референдумското изјаснување што се одржа во септември минатата година.

Дел од медиумите, деновиве, повикувајќи се на извори од опозицијата, пренесуваат дека и Влатко Ѓорчев е заинтересиран да влезе во трката за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори. Според медиумите, можен кандидат е оперскиот пејач и еден од водачите на иницијативата “За заедничка Македонија”, Игор Дурловски.

Неговиот рејтинг, пренесуваат медиумите, наводно пораснал поради сите случувања околу амнестијата на обвинетите за 27 април, па сега се размислувало за можноста и тој да се најде меѓу имињата на внатрепартиските анкети во опозицијата