ВМРО ја обвинува Царовска дека го крие имотот, таа демантира

76

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, не го пријавила сиот имот,а нејзиниот невенчан сопруг повеќе пати досега добил милионски тендери- обвини ВМРО-ДПМНЕ

„Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, крие дел од имотот. Царовска, како што е објавено живее заедно со нејзиниот невенчан сопруг, Горан Георгиев, а во својот анкетен лист го нема пријавено имотот на истиот. Во анкетниот лист на Царовска е наведен нејзиниот личен имот и имотот на нејзините родители, имотот на нејзиниот брат, меѓутоа го нема и имотот на нејзиниот невенчан сопруг“,посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што изјави Маја Славева, според законските прописи, односно чл.13 од Законот за семејство, заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница.

„. Невенчаниот сопруг на Царовска, Георгиев, е неколкукратен добитник на милионски тендери од институции со кои раководи СДСМ. Како што објавија медиумите фирмата на неформалниот сопруг на Царовска добила 1.5 милиони денари на име набавка на дронови“, рече Славева.

Прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ претставува манипулирација со јавноста преку тенденциозно погрешно толкување на законите. Законот не ги обврзува функционерите да поднесуваат извештај за имотната состојба на нивните неформални партнери како што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја излаже јавноста и не постои можност за поразлично толкување на одредбите од овој закон, реагира Министерството за труд и социјална политика, на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Царовска го крие имотот на невенчаниот сопруг.

„Министерката Царовска уредно го има пополнето својот имотен лист и пријавено својот имот и имотот на нејзиното семејство. Иако законски не е обврзана, министерката Царовска заради транспарентност кон јавноста околу имотот на неформалниот сопруг во најбрз можен рок ќе го пријави во анкетниот лист во Државната Комисија за спречување на корупција. Тој во своја сопственост има една гаража од 25 метри квадратни и една парцела земја во кочанско од 1.000 метри квадратни“, велат од МТСП.