Општина Демир Хисар во текот на годината најголем дел од буџетот ќе го вложи во капитални проекти, чиј главен фокус е инфраструктурата. Според градоначалникот Марјанче Стојановски со буџет од над 155 милиони денари, општината ќе се стабилизира, а владината поддршка ќе овозможи непречена изградба на патишта и улици, водоводни системи и речни корита, како и набавка на нови минибуси за превоз на ученици.
– Во текот на годината ќе изградиме улици во селата Базерник, Сладуево, Кутретино, Суводол и Сопотница, патишта кои водат до неколку манастири, реконструкција на водоводните ситеми во селата Слепче, Бабино, Ново Село, изградба на речно корито на Стара Река во Демир Хисар, изградба на потпорни ѕидови на речни корита во Обедник и Стругово, изградба на систем за отпадни води во селата Белче и Жван, а ќе има и нов паркинг и нова сообраќајна сигнализација во Демир Хисар – потврди Стојановски.
Се подготвуваат урбанистички планови за селата Кутретино и Белче, како и планови за изградба на спортски терени.
– Еден од поголемите проекти предвидени со буџетот е набавката на возила-минибуси за вршење на превоз на ученици во основните и средното училиште за што ќе бидат вложени 13,5 милиони денари – посочи Стојановски.