Се знаеше дека Реал (М) ќе помине низ еден турбулентен период откако ја прекина соработката со Кристијано Роналдо, но ретки беа тие кои веруваа дека актуелниот светски и европски клупски шампион, толку слабо ќе реагира по продажбата на португалскиот интернационалец.
По заминувањето на Роналдо, “кралскиот клуб” остана со само еден класичен напаѓач, Карим Бензема, а за време на летниот преоден рок беше ангажиран интернационалецот од Панама, Маријано Дијаз, кој беше купен од Лион за 20 мил. евра.
Дијаз ја доби седмицата на Роналдо, но постојано е повреден. Поради таквата ситуација, претседателот на Реал (М), Флорентино Перез, е обврзан да го одврзе ќесето за време на зимскиот преоден рок.
Како што пишува шпански “АС”, Перез ќе направи се што е во негова моќ за да ги осигура услугите на капитенот на италијанскиот калчо гигант Интер, Мауро Икарди. Младиот напаѓач со години важи за голема желба на Реал (М), а пред неколку недели одби да ја продолжи соработката со “нероазурите” која му завршува во 2021 година.
Во договорот на аргентинскиот интернационалец има ослободителна клаузула која се активира со официјална понуда не помала од 110 мил. евра. Освен оваа опција, “кралскиот клуб” е подготвен во обратната насока да го испрати и хрватскиот интернационалец, Лука Модриќ, кој на крајот од сезоната ќе има статус на слободен играч. Доколку се најде заеднички јазик за трансферот на хрватскиот интернационалец, тогаш шпанскиот гигант ќе мора да одвои околу 80 мил. евра за обештетувањето на Икарди, кој во минатото го носеше дресот на најголемиот ривал на Реал (М), каталонскиот гигант Барселона.