Трамп: Вистинската причина за распадот на СССР е војната во Авганистан

93

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Авганистан е вистинската причина за распадот на Советски Сојуз.

– Русија беше Советски Сојуз. Меѓутоа, Авганистан од СССР направи Русија, бидејќи таа огромна земја банкротира во таа војна, изјави Трамп за телевизијата Фокс.

Во исто време, Трамп наведе и дека Советскиот Сојуз беше во право кога покрена војна во Авганистан бидејќи оттаму потекнуваше голема терористичка закана од страна на талибанците.

– Во моментот ситуацијата во Авганистан ја решаваат, покрај САД и Русија, Индија и Пакистан.

Советскиот Сојуз во Авганистан влезе во 1979 година, а десет години подоцна ја повлече и последната единица од таа држава.

Трамп повторно зборуваше и за повлекување на американските војници од Сирија.

Тој истакна дека американските трупи ќе се повлечат од Сирија во „одреден момент“, додека медиумските извештаи во кои се наведува дека тоа ќе се случи во следните неколку месеци ги нарече лажни.

Трамп кон крајот на декември најави повлекување на трупите од Сирија, оставајќи ја Турција да се бори со „тоа што остана од Исламска држава“. Потоа „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп ќе нареди повлекување во следните четири месеци.

– Никогаш не кажав брзо или полека. Некој кажа четири месеци, но јас не кажав, потенцира Трамп.

Таквата одлука на Трамп беше критикувана и од републиканците и од демократите, пред се поради шпекулациите дека курдските борци ќе бидат оставени на милост и немилост на турските војници.

– Сакаме да ги заштитиме Курдите, но не сакаме да бидеме во Сирија засекогаш, посочи Трамп.