Помина годината и ете ти го, дојде. Иако имав акредитив да го посетам во неговото седиште на далечниот север во Рованиеми Лапландија, сепак се кандиса да дојде ваму кај нас за да не израдува со своето присуство. Во контакт со него, го замолив да го изнесе своето видување за нашата иднина бидејќи покрај големото срце, имаше и надприродна моќ да нурка и таму каде другите не можат. Стаса со сопствен хеликоптер и со еден куп телохранители (иако никој не му може ништо). Еуфорично го пречекаа малите и големите деца. На пречекот не смееше да има претставници на институциите, а најмалку оние од органите за прогон оти тие биле сурови и ќе ги исплашеле децата.
И се беше подготвено како да е некаде таму во неговиот резиденцијален кварт Лантантантури. Небото распука од визуелни ефекти. Молснаа варијации на светлина позната како „аурора бореалис“, а музичката рапсодија напишана во слободен стил од страна на природата, ја предводеше главниот инструменталист Северко. Тој успешно си пробиваше пат низ иглолисните војски на четинарите за да стаса до мразните оргули начичкани под стреите од куќите.
Што да ви кажам? Никогаш толкав излив на чувства кај сите нас кои го пречекавме, а посебно кај дечињата – големи и мали. Неговите џуџести помошници (не по раст ами по содржината на душата и величината на интелектот) поделија дарови, а потоа Дедо Мраз ни посака на сите успешна година што доаѓа, многу здравје и бериќет. Заедно, летнавме кон резиденцијата која му беше наменета. Интервјуто можеше да почне. Бев еден и единствен новинар бидејќи цела година упорно настојував да добијам интервју со него. Негова обврска беше да ми објасни некои магливи нешта кои ја копкаа мојата љубопитност ама и на јавноста.
– Досаден си и упорен ама за новинар од мојата секогаш мила и драга Македонија која секогаш ја имам на срцето, ќе сторам се за да бидам објективен до крајни граници – порача.
– Најпрвин би сакал да ве прашам дали сте вие вистинскиот Дедо Мраз или само традиционален приврзок на идејната творба на Хедон Сендблум од 1931 година створена по порачка на една голема компанија за производство на глобално познат освежителен пијалок?
Дедо одмавна со дланката:
– Вие секако мислите на практичната творба од преку океанот? За жал, морам да ве разочарам и да ви кажам дека јас сум уметничка креација на локалниот фолклор како и на пошироката популација од разни простори на нашиот континент. За мене слободно може да се рече дека сум појава и на реалноста и на мечтите.
– А да не сте можеби од божиќните филмови на Дизни?
– Престанете да копкате оти мојот идентитет е само миј.
– Е, па, добро. Дали можеме да почнеме ама со прашања кои ќе ве оддалечат од вашата одамна трасирана добротворна мисија? Да речеме, би сакал да знам некои работи кои се под превез на дебел слој од магла.
– Не познавам рецензија во мојот лингвален и ментален вокабулар – се изнасмеа.
Ништо не разбрав што рече ама ја потврдив демек со всилена насмевка, неговата духовитост и мисловна длабочина.
– Дали ќе ја биде државава?
– Што им фали на Андора, Монако, Лихтенштајн, Кипар, Бахами, Кајмански острови, онаа мала државичка со лимони, шеќер и банани на која главен град и е Белмопан… се разбира, со помош на нашата администрација, вие ќе бидете рај на земјава ама со многу помалу министри и пратеници.
– Се чини… настапуваш политички што е надвор од твојата филозофска концепција?
– Твоето прашање провоцира еден таков одговор. Во суштина, човекот е зоон политикон, односно државотворно суштество. Но, политиката не е за секого. Да речеме дека и јас сум човек, но само колку да се рече оти тоа е состојба на возвишеност. Вашиот проблем е што кога ќе се роди бебенце, се раѓа како политичар. Но не сте виновни за тоа оти таа професија е гаранција за животен успех. Ама… има чаре и за тоа. Едноставно, кога ќе почнат да го живеат својот животен успех, ќе почнат да грешат. Окото нема наситка. Потоа како и во природата, настапува пресметка со оние кои стремат кон неговиот животен успех. Едни се обидуваат да ги урнат, другите да опстанат по секоја цена. Потоа следи римејк. Така до недоглед.
– Вие… да не сте биле политичар во вашиот животен опис?
– Не велам не ама ниту потврдувам – згрми деденце, – но, ете тука сум да ви помогнам да застанете на нозе. Знаете, сега функционираме како пазарна економија. Мојата администрација скромно ќе вложи свежи пари во повеќе фабрички постројки каде ќе се вработат илјадници. Ама затоа вие како држава, ќе мора да ми возвратите со даночни ослободувања во различни облици. Всушност, тоа е џентлменска соработка која се применува ширум светот. Корист за вас, ќар за мене. Работниците ќе летнат од радост.
– Гледам, сега сте и практичен…?
– Ааааа… види ваму. Времето си го бара своето и ние мора да се прилагодиме. Ако државата е секуларна, зборувам воопштено, а не е, ако демократијата уште се потпира на стапот, а анархијата му диши во тилот, ако постојано се бараат реформи, а тие се само шминка, тогаш и царството на Дедо Мраз е подложено на промени. Ние навистина правиме и даваме подароци ама за возврат во писмата што ги добиваме и на кои одговараме, инсистираме барателите да бидат послушни. Дали имаш уште прашања?
– На крајот би сакал – се двоумев дали да спомнам па се решив, – односно копнеам како и сите да ви го видам лицето, почитуван дедичко.
– Ама јас како и сите институции ем немам лице ем имам многу лица – се изнасмеа. – Туку, ајде остани ми со здравје и ти посакувам многу успех.И гледај да бидеш подалеку од политичарите оти можеш да накапеш и да ја фатиш нивната болест наречена фалсум, што би се рекло, мафтање. Сега заминувам на една од топлите дестинации на Карипското море. Таму се многу мои пријатели. Мораме да здивнеме од напорот што го вложивме. И еве, ќе ти ја исполнам твојата дамнешна желба.
На мое големо изненадување, дедичко ја симна вештачката брада и јас веднаш го препознав нашиот стар добар Итар Пејо од Мариово.
– Ме намести? – зборував со зината уста оти вистината ме вџаши. – Па ти одамна си замина од нашите животи?
– Се лажеш, момче. Јас секогаш ќе бидам дел од вашите животи, од вашата политика, од вашата наивност и недопеаност. Јас сум вечност низ времето. Ај, остани ми со здравје!
Летна. Само што излегов на платото пред објектот, ете ти запрега од ирваси и некој нов Дедо Мраз.
– Не ми кажувај ништо – Дедо Мраз одмавнува со дланката. – Тоа беше илузионистот, а јас сум оној вистинскиот. Хе, хе, хе!
– Колку ве има? Колку што знам, вистинскиот се смее со хо, хо, хо?
– Е, синко, синко, јас искрено се насмеав на вашата добродушна наивност. Тебе и на сите добронамерни на светот нека ви е среќна Новата Година и нека ви се исполнат сите ваши желби. И… умот во главата. Хо, хо, хо!
И овој, како да ми заличуваше на итроманецот од Мариово…
Гостивар 2018