Зоолошката градина има две младенчиња пингвини, кои се испилија на 23 и на 25 декември. Нивни родители се Џонатан и Лила.
– Пингвините несат најмногу по две јајца, најчесто преживува само едното, но во Скопје ЗОО, со сета грижа, успешно се справуваме со овој предизвик веќе трета сезона и ова е трета година како што имаме младенчиња, што е голема реткост во поголемиот број зоолошки, но и во природата – велат од Зоолошката градина.
Крвната линија на јатото пингвини во ЗОО започнала од Русија и од Италија, а со младенчињата што ги имаат, како што велат, успешно ја продолжуваат одржливоста на видот хамболт – пингвини во Европа и во светот.
– Овие јужноамерикански птици се многу интелигентни, секоја со свој различен карактер, но и се подложни на стрес, па затоа бараат многу внимание и грижа. Најчеста закана за болести е периодот кога има влага и испарување, а во светски рамки, и маларијата, која ја пренесуваат комарците. Токму затоа просторот околу живеалиштето во нашата Зоолошка е целиот со лаванда, а во пештерите каде што живеат имаат меки гнезда направени од лаванда, во кои најмногу уживаат – објаснуваат од ЗОО.
Оттаму велат дека до дваесеттиот ден, за младенчињата се грижеле само родителите и дека оттогаш секојдневно добиваат асистенција и од зоонегувателите во улога на дадилки. Полот на пингвините ќе се утврди многу подоцна, затоа што е потребно да се направи ДНК-анализа преку пердув или крв.