По војната Страте Арсовски е младински активист во првите информативни гласила на СКОЈ. Работи паралелно на подготовки за формирање на првите државни организации за издаваштво и литература, по што станува и директор на Државното книгоиздателство „Кочо Рацин“.  Во ова државно претпријатие во тоа време се вработени плејадата писатели и поети на повоена Македонија: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Венко Марковски , Волче Наумчевски, Стале Попов, Васил Куноски и многу други познати имиња. Во 1961 Арсовски е поставен за директор на НИП „Нова Македонија“…

Страте Арсовски (1924-2006) беше визионер, човек кој целиот свој работен век го помина во градење на македонско општество. Eкономист по струка, тој имаше голем придонес во развојот на македонското издаваштво, но имаше удел и во развојот на стопанството и културно-уметничкиот и спортски живот во државата. Строг но правичен и одговорен во работата, како што велат неговите современици и семејството, тој  раководните функции во својата богата кариера ги извршуваше со голем успех, а беше активен и во хуманитарната работа. Токму со неговиот син, амбасадорот Љупчо Арсовски, на 100 години од раѓањето на Страте Арсовски, се потсетивме на неговиот живот и работата.

Родителите на Страте Арсовски уште во 1920 го напуштаат Галичник и преку кус престој во Кичево се преселуваат во Скопје, каде што тој е и роден. Уште како постар малолетник, првата плата ја заработува  во книжарниците на познати српски газди. По војната е младински активист во првите информативни гласила на СКОЈ. Работи паралелно на подготовки за формирање на првите државни организации за издаваштво и литература, по што станува и директор на Државното книгоиздателство „Кочо Рацин“.  Во ова државно претпријатие во тоа време се вработени плејадата писатели и поети на повоена Македонија: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Венко Марковски , Волче Наумчевски, Стале Попов, Васил Куноски и многу други познати имиња. Во „Кочо Рацин “ останува до 1959 година кога е наименуван за заменик-директор на НИП „Нова Македонија“, на чие чело се наоѓа Димче Беловски. Во 1961 година Беловски заминува за амбасадор во САД и на негов предлог Арсовски е поставен за директор на ова издавачко претпријатие.

„По професија економист, но со големо искуство од раководењето во првото државно претпријатие за книгоиздателство „Кочо Рацин,  тој работи интензивно на поставување на НИП „Нова Македонија“ и подоцна „Скопскиот саем“ на доходовна основа со поделба на трудот , обврските,  но и со правата особено во наградувањето. Така и во НИП „Нова Македонија“ се формираат многу единици на основни организации на здружен труд (ООЗТ) како редакциите: „Детска Радост“, „Бирлик “, „Флака“ и „Влазними“.  Ја поддржувал и идејата за нови изданија како „Вечер“, „Екран“, „Починка“… и др.“, вели неговиот син, амбасадорот Арсовски.

Тој додава дека неговиот татко умееше да го привлече вниманието на многу познати личности од културолошката сфера. Претседател на Издавачкиот совет на НИП „Нова Македонија“  бил Димитар Митрев, академик и литературен критичар.

„Во еден период 1957 -1963, во зградата на три ката, покрај паркот живееја Мито Хаџи Василев-Јасмин и Трпе Јаковлевски , значи во ист период Хаџи Василев-Јасмин беше главен и одговорен уредник, а Страте беше директор на НИП „Нова Македонија“ и имаа извонредна соработка. Инаку, во куќата покрај паркот често навраќаа личности од литературната сфера како: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Васил Куновски  од нашето соседството, потоа академик Старделов и други. Мојот татко како родител беше строг но правичен. Често на мене и на сестра ми ни ја спомнуваше Лениновата мисла „Учи, учи и само учи“. Воден од мислата да нè подучува во сето она што нè чека во животот, во летните периоди заедно ги посетувавме европските држави за да ги видиме музеите и развојот на земјите кои ќе ја формираат идната Европска економска заедница“, се потсети Љупчо Арсовски.

Во периодот по земјотресот Страте Арсовски интензивно работи на осовременување на печатницата со најсовремени печатарски машини со што таа станува на исто рамниште со издавачки куќи од просторите на поранешна Југославија.

На негово барање, се потсетува неговиот син, во 1974 година заминува за генерален директор на „Скопски саем“. Организација која од 27 вработени и со еден саем годишно ја воздигнува во современа организација со 190 вработени, која организира дури 14 саемски приредби годишно.

За неговата голема страст и кон спортот зборува фактот што Страте Арсовски истовремено е активен во формирањето на првите спортски организации и друштва во Македонија. Станува и претседател на ФСМ (популарно ФИСАМ – организација за физички спортови на Македонија). Во овој период интензивно се бави со волонтерски активен придонес во општествено-политичкиот и секако спортскиот живот во Македонија, но и на југословенско ниво. Во периодот по земјотресот е претседател  на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија за Општина Идадија (денес Општина Центар ) кога интензивно учествува во бројни проекти за изградба на Скопје, како Универзална сала, реновирање на Стадионот на Вардар… Тој е и претседател на организациониот комитет за „Средби на солидарноста“од 1963 година, а од 1964 до 1967 ги организира средбите на кои учествуваат голем број уметници, музички групи се одржуваат филхармониски концерти… Во периодот 1975-1982, на Скопскиот саем организира и европски шампионати во бокс, а Страте Арсовски станува и претседател на Атлетскиот сојуз на Југославија.

За долгогодишниот работен век и волонтерски активности тој е добитник на голем број признанија и награди во Македонија и Југославија.  Покрај многубројни плакети, спомен-плакети, од многубројните организации кои ги поддржувал и ги помагал, како успешен стопанственик во развивањето на „Скопскиот саем“,  ја добива и „13 Ноемвриската награда“, но и два ордена од Јосип Броз Тито, претседателот на СФРЈ, на кои особено бил горд.