Уставни измени за внесување на Бугарите во преамбулата ќе има тогаш кога владејачката коалиција ќе биде сигурна дека ќе има парламентарно мнозинство и дека нема да има ново вето од Бугарија, туку ќе се изнајде решение што ќе го гарантира завршетокот на процесот, порачаа денеска и претседателот на Собранието, Африм Гаши, и министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани. Двајцата велат дека во програмата на „Вреди“ немало предизборно ветување дека ќе има уставни измени до Нова година, рок што, пред формирањето на владејачката коалиција, се посочуваше во јавноста за носење на уставните измени.
– Процедурата за уставни измени е пропишана во Уставот и во Деловникот. Секој што ги исполнува условите, може да поведе иницијатива. Но ние, како парламентарно мнозинство, мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне да биде спроведена процедурата. Знаете дека се случуваат уставни измени кога гласаат две третини од нашето Собрание за тоа и кога ќе бидеме сигурни дека ќе биде прифатено тоа од мнозинството пратеници во нашето Собрание, тогаш ние ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки – изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите.
Во однос на тоа дали пропаѓа предизборното ветување на „Вреди“ за уставни измени до Нова година, Гаши одговори дека не се сеќава дека било напишано такво нешто во програмата на „Вреди“. Собранискиот спикер истакна дека сите пратеници од коалицијата „Вреди“ би ги гласале уставните измени и денеска ако се стават на дневен ред, но смета дека политичките чинители треба заеднички да се договорат кога е најдобро тоа за државата.
– Не се сеќавам дека беше напишано тоа во програмата итн. Секако дека имаше такви изјави. Знаете дека тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент, треба да гласаат две третини од Собранието. Како што знаете, коалицијата „Вреди“ и сите нејзини пратеници стојат зад тоа и ако дојдат на дневен ред, ние би ги гласале и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е најдобро тоа за државата и за сите граѓани. Правиме максимални напори, како парламентарно мнозинство, да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор околу тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци итн. – рече претседателот на законодавниот дом.
Прашан дали се доведува во прашање учеството на „Вреди“ во Владата откако претходно претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кажа дека партнерите од коалицијата треба да седнат и да разговараат околу ова прашање, спикерот Гаши рече дека се обидува, колку што може, да се апстрахира од политичките агенди на политичките партии.
– Неколку пати сум напоменал, ќе повторам, се обидувам да се апстрахирам, колку што можам, од политичките агенди на политичките партии, вклучително и од мојата коалиција од каде што доаѓам и каде што припаѓам. Така што не би коментирал такви политички изјави. Се обидувам да ја извршувам мојата функција совесно, законски и уставно. Значи, во тоа својство, кога и да има иницијатива, јас ќе ја почнам и ќе ја ставам на дневен ред. Очекувам да биде успешна кога ќе има политички договор и услови за да се изврши тоа – рече Гаши.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, на собраниската седница посветена на пратенички прашања, исто така, порача дека ќе има уставни измени кога ќе бидат сигурни дека нема да има потенцијално вето од Бугарија. Муртезани истакна дека никогаш не рекол дека ќе излезе „Вреди“ од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината.
– Сериозно работиме за надминување на проблемот со нашите европски интеграции, а уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајдеме решение што ќе го гарантира завршетокот на овој процес. И на македонски јазик имам изјавено дека никогаш не сум велел дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината. Кога ја формиравме Владата, не го направивме тоа со едната нога надвор, а со една внатре и не со уцени дека ќе ја напуштиме Владата – рече Муртезани.
Тој посочи дека не држи ставот дека новата Влада го блокирала патот кон Европската Унија, туку Владата работи на изнаоѓање решение, што е потврдено од сите европски и американски претставници што ја посетиле земјава.
– Ние не се служиме со ПР како вас, туку велиме дека ќе се обидеме да изнајдеме решение. Владата не работи само декларативно, туку работи сериозно за надминување на проблемот. Не е значајно колку месеци ќе трае тоа. Кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија, тогаш уставните измени ќе дојдат пред вас во Собранието и ќе бидат само техничко прашање за да осигуриме 80 пратеници – потенцира Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски, изминатиот период, на средби во Брисел со новиот состав на Европската комисија, ги презентираше македонските позиции за уставни измени со одложено дејство. Тој во неколку наврати порача дека Македонија досега направила доволно отстапки, како ниту една држава во ЕУ. По низата средби со високи европски претставници, Мицкоски сподели оптимизам со јавноста и порача дека земјава досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство. И претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во првото свое годишно обраќање до јавноста во средата, порача дека е време за храбар исчекор од Унијата и дека уставни измени со одложено дејство е единственото можно решение. (В.С.Н.)