Според тврдењата на премиерот, во 2020 година непосредно пред изборите, службите му отвориле предмет дека е финансиер на параполициска воена формација, а како извор во предметот, односно лицето кое го следело бил заведен под кодно име „цилиндар“. На седницата за пратенички прашања, премиерот Мицкоски обелодени и дека изворот нотирал оти е забележан на Водно како шета со две женски со кои разговара за политичката состојба. Случајот му го измислиле со цел службите да си направат алиби за негово следење. Истата година, бриферот го менува својот псевдоним во „џокер“, па ги информира службите дека предметното патриотско друштво остварува средба во манастирот „Свети Јован Бигорски“ за спроведување на планот за нарушување на безбедноста и стабилноста. Според сознанијата на премиерот и други актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ биле означени како членови на таа формација и поради тоа не им бил доделуван безбедносен сертификат. Се креирало мислење на база на лажни информации.
Премиерот Христијан Мицкоски, од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања, изнесе шокантни откритија за разузнавачките служби кои го следеле, него, неговата сопруга и двајцата синови од кои помладиот е полнолетен. Според тврдењата на премиерот, во 2020 година непосредно пред изборите, службите му отвориле предмет, дека е финансиер на параполициска воена формација, а како извор во предметот, односно лицето кое го следел бил заведен под кодно име „цилиндар“. Според Мицкоски, случајот му го измислиле со цел службите да си направат алиби за негово следење. Параполициската воена формација, која била наведена како причина за тоа, според Мицкоски, била составена од македонски радикални екстремистички настоени граѓани кои имале за цел да ги заплашуваат граѓаните и да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.
„И замислете… нарачател е проф. д-р Христијан Мицкоски, јас сум тој што оваа формација ја финансирал и формирал и сето тоа е оставено како трага и се знае кој го работел предметот, наводно се случило, како покритие да нè следат, обелодени Мицкоски и продолжи со шокантни тврдења дека изворот нотирал оти е забележан на Водно како шета со две женски со кои разговара за политичката состојба. Истата година, бриферот го менува својот псевдоним во „џокер“, па ги информира службите дека предметното патриотско друштво остварува средба во манастирот „Свети Јован Бигорски“ за спроведување на планот за нарушување на безбедноста и стабилноста.
„Ова било алиби да бидам физички покриван“, сподели Мицкоски, и ја запраша опозицијата „Ова ли се европските вредности кои ги промовиравте? Дали јас ви личам на финансиер на параполициска воена формација, ете каков живот сме имале, покривани се мојата сопруга и синовите. Ако некој мисли дека ќе се спаси од ова, се лаже. Ќе барам одговорност, не за мене, за моето малолетно дете“, порача премиерот и најави реформи во службите. Според неговите сознанија и други актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ биле означени како членови на таа формација и поради тоа не им бил доделуван безбедносен сертификат, се креирало мислење на база на лажни информации. Мицкоски во одговор на прашањето поставено од пратеникот Јован Јаулевски од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата на која на дневен ред беа пратенички прашања.
Прашањето на пратеникот Јаулевски за бегството на Артан Груби го одговори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, хронолошки го опиша денот – недела кога осомничениот избега од земјава поради истрагата за Државна лотарија. Министерот во својот настап од собраниската говорница рече дека се истражува одговорноста кај граничниот полицаец – дали била намерна или од ненамерна природа.
– Од страна на граничниот полицаец се прави кардинална грешка, односно наместо да констатира дека лицето се наоѓа на „стоп листа“, истиот вознемирен најверојатно од политичката големина или од луксузот на возилото, без да ја направи процедурата, го пропушта и тој излегува, а откако констатира дека е на „стоп листа“, предметното лице веќе е на Косово. Сето тоа е утврдено е од снимка од безбедносните камери на граничниот премин. Согласно доказите кои ги обезбеди внатрешната контрола, полицаецот сторил мислам дека станува збор за делото несовесно работење и кривичната пријава е во обвинителството. Се истражува, дали е сторена ненамерна грешка или сето тоа настанало со умисла, земени се мобилни телефони кои се докази и наскоро ќе има расветлување, дале е ненамерна грешка или станува збор за организирано бегство, рече Тошковски и вети пред јавноста дека ќе се пронајде начин како Груби да се обезбеди и врати за да се соочи со правдата. Министерот информираше дека сите документи од кривичната истрага како и црната листа од САД на која последно беше ставен Груби се веќе испратени во соседните земји. (П.А)