Експерт за вештачка интелигенција ќе биде најбарано занимање во ЕУ во 2025 година, се нуди плата од 60 до 110 илјади евра годишно

279

Експанзијата на вештачката интелигенција занимањето експерт за вештачка интелигенција го лансираше како најбарано и најпрофитабилно во Европската Унија во 2025 година..

Просечната плата за работниците со такви вештини во земјите на ЕУ се движи од 60 па до 110 илјади евра годишно. Побарувачката е огромна, а се проценува дека во наредните пет години ќе се зголеми за 37 проценти.

Врз основа на најновите истражувања на експерти, вклучувајќи го и „Линкдин“, направена е листа на занимања кои ќе бидат најбарани во наредната година. Доминираат технолошките, а традиционално, на списокот остануваат и занимањата од здравствениот сектор.

По експертите за вештачка интелигенција многу барани и извонредно добро платени во ЕУ наредната година ќе бидат и развивачите на софтвер. За нив платата се движи од 55.000 до 90.000 евра годишно. Особено се бараат експерти за „клауд компјутинг“, чија експертиза е клучна за приспособливоста на современите ИТ-системи. Со исто темпо расте и побарувачката за развивачи на мобилни апликации, со оглед на сè поголемата употреба на паметни телефони. Атрактивноста на оваа професија дополнително ја зголемува можноста за работа од далечина. На листата се и експерти за сајбер-безбедност. Просечните плати во оваа област се движат од 45.000 до 80.000 евра годишно, во зависност од искуството и знаењето. Следни на списокот на најбарани професии во ЕУ се научниците за податоци. За нив побарувачката секоја година се зголемува за по 23 проценти, особено во финансискиот и секторот е-трговија. Просечните плати се од 40.000 и 90.000 евра.

Експертите за одржливост исто така ќе бидат многу барани во 2025 година, со оглед на тоа што компаниите сè повеќе се префрлуваат на „зелено работење“. Платите за нив варираат од 45.000 до 75.000 евра годишно. Како и секогаш, и во 2025 година нема да стивне побарувачката за медицински сестри и здравствени работници, а работа во ЕУ ќе има и за експертите  за обновливи извори на енергија кои може да очекуваат плата од 48.000 до 75.000 евра годишно. И облак архитектите, односно експертите за „облак компјутери“ се меѓу најбараните со раст на побарувачката од 23 отсто годишно и плати од 55.000 до 90.000 евра. Уште едно занимање кое бара компјутерско знаење – експерт за дигитален маркетинг станува уште побарано во ЕУ. Сè попотребни се и професионалци за дигитален маркетинг и тоа особено оние со искуство во аналитиката и социјалните медиуми.