Во последните 12 месеци, 63,5 % од македонските интернет-корисници нарачале или купиле стоки или услуги преку Интернет, што е зголемување во споредба со тој период минатата година за 10 %, соопшти Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ), по анализа на податоците од Државниот завод за статистика.
Македонците, како и во минатите години, најмногу купувале облека, вклучително и спортска облека, чевли или додатоци, на пример чанти и накит, посочија од АЕТСМ, додавајќи дека тоа што е позитивно и се забележува е порастот на онлајн нарачките кај повеќе категории.
– Оваа година, 90,2 % од домаќинствата имале интернет-пристап наспроти 88 % во тој период минатата година, додека 91,2 % од Македонците на возраст меѓу 15 и 74 години користеле Интернет наспроти 85,3 % во тој период минатата година – велат од АЕТСМ.
Притоа, 92,2 % од мажите користеле Интернет наспроти 90,2 % од жените во истиот период.