Не е лесно за Барселона овие денови. Откако Рафаел Надал, кој иако е роден во нивното соседство, иако вујко му беше стопер на „Ноу Камп“, никогаш не криеше дека Реал Мадрид му е во срцето, сега приказната се повторува со уште една шпанска тениска мега ѕвезда.

Навивач на кралскиот клуб е и Карлос Алкараз, а тоа го потврди со гостувањето кај рекордерот по број на освоени пехари во Лигата на шампионите пред натпреварот против Севилја.

– Подготвен сум! Можам да играм на лево крило – изјави третиот тенисер во светот, кој низ комплексот Валдебебас на периферијата на Мадрид го прошета легендарниот ас на клубот, Роберто Карлос – Анчелоти ми кажа дека има место за мене. Ме чека дресот. Можам да влезам во средината и да ја шутнам топката со фелш.

Единствен проблем може да биде фактот што Реал е најсилен на таа позиција. На него се и Мбапе и Винисиус.

Се возеа со автомобили и цело време добро се забавуваа. Алкараз уште еднаш покажа колку е опуштен и колку сака да се шегува. Секогаш расположен, 21-годишниот Шпанец знае да ужива во статусот на голема ѕвезда.

Потоа гостуваше во телевизијата Реал Мадрид во друштво на Флорентино Перез, претседателот на „белите“. Му подари и дрес на Реал Мадрид.

– Беше феноменално, ова никогаш нема да го заборавам – ја раскажа посетата Алкараз. Имав можност да се сретнам со сите фудбалери, иако не сакав да ги вознемирувам, бидејќи сум свесен за важноста на концентрацијата пред натпреварот.

– Феноменално е тоа што го постигна Алкараз – додаде Роберто Карлос.

Реал победи со 4:2, па можеби повторно ќе го повика четирикратниот грен-слем шампион на гости. Алкараз наскоро ќе замине во Австралија каде до почетокот на првиот грен-слем сезонава ќе одигра само два егзибициски меча во хуманитарни цели против Алекс де Минор и Алексеј Попирин.