Во падот на авионот во Казахстан преживеаа 32 патници: Причина за несреќата е густа магла, а можеби и судар со јато птици

1807
EPA-EFE/KAZAKHSTAN EMERGENCIES MINISTRY HANDOUT -- BEST QUALITY AVAILABLE -- MANDATORY CREDIT -- HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Авион на компанијата „Азербејџан ерлајнс“ се урна во Казахстан, на околу три километри од градот Актау, на западот на земјата, а падот го преживеале 32 патници, меѓу кои и три деца. Станува збор за брегот на Каспиското Море, спроти Русија. Информациите за бројот на луѓе на летот од Баку до Грозни во Чеченија варираат од 62 до дури 105, со пет членови на екипажот на летот. Се претпоставува дека до несреќата дошло поради густа магла, а се споменува и можен судир со големо јато птици.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји, 37 Азербејџанци, 16 Руси, шест државјани на Казахстан, тројца Киргистанци. Од урнатините на авионот се извлечени четири тела. 22 патници се хоспитализирани. Портпаролот на Росавијација, управата за цивилна авијација на Русија, вели дека прелиминарните информации покажуваат дека пилотот одлучил да се пренасочи кон Актау откако птица удрила во авионот, создавајќи вонредна ситуација.

Авионот се обидел принудно да слета во Казахстан. Податоците од веб-страницата „Flight Radar 24“ покажуваат дека леталото кружело на небото над Казахстан поради лошите временски услови. По падот, сцените биле шокантни: луѓе облеани во крв, тетеравејќи се надвор од авионот, а спасувачите ги извлекуваат патниците од урнатиот авион. Пред падот, Embraer ERJ-190 со регистрација 4K-AZ65 испрати сигнал „SOS“ над Каспиското Море. На видеото од падот се гледа како леталото брзо се спушта пред, во моментот на удар на морскиот брег, избувнаа пламени јазици и густ црн чад се издигна во воздухот.

– Им изразувам сочувство на семејствата на патниците кои ги загубија животите во падот на азербејџанската авиокомпанија АЗАЛ – изјави чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.

Ројтерс истакнува дека падот се случил откако јужниот дел на Русија бил погоден од напади со беспилотни летала. Авионот на летот J2-8243 на Азербејџан ерлајнс се оддалечил стотици милји од планираната рута пред да се урне. Активностите со дронови претходно ги затворија аеродромите во областа, а утрово беше затворен и најблискиот руски аеродром на линијата на авионот, потсетуваат светските медиуми.

Властите во два руски региони во близина на Чеченија, Ингушетија и Северна Осетија потврдија напади со беспилотни летала. Претставник на аеродромот во Махачкала во Русија, на источниот брег на Каспиското Море, најблиското место каде летот исчезна од радарите, изјави дека овој аеродром вчераутро неколку часа бил затворен за дојдовен сообраќај.

Властите во Казахстан формираа владина комисија која ќе го испита она што се случи, која ќе соработува со Азербејџан. Азербејџанската државна новинска агенција Азертац потврди дека официјалната делегација составена од министерот за вонредни ситуации на Азербејџан, заменик-главниот обвинител и потпретседателот на Азербејџан ерлајнс отпатува за Актау.