Дали последната изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оди во линија со информацијата дека осомничениот Артан Груби по кој е распишана меѓународна потерница се наоѓа на јадранското крајбрежје во близина на Драч, Албанија? Во телевизиско интервју за Алсат, Тошковски обелодени дека со проневерените пари од Државна Лотарија, се купувале скапи имоти во земјата и странство. Неделникот Фокус од владини извори објави дека извесен период откако пристигнал во Тирана, Артан Груби заминал во правец кон Драч, локација во месноста Хамалај, каде се сместил во објект, кој формално не бил во негова сопственост. На неколку метри од плажата, далеку од сообраќајната гужва и изолирани пешачки патеки се сместени луксузни апартмани на приватно одморалиште во местото Хамалај, каде пред неколку години биле нудени и продавани во Македонија. Областа каде се шпекулира дека се крие Груби е позната по своите прекрасни песочни плажи, повлеченост, изолација и приватност, на помалку од триесет минути од меѓународниот аеродром во Тирана.
Опозициската СДСМ се сомнева дека бегството на поранешниот вицепремиер е договор помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
„Прво беше соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш, за потоа да се каже дека не работеле камерите, за кои знаеме дека не работат на батерии. Сето тоа граѓаните го слушаат и го знаат. Секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква заднина во сето ова“, одговори претседателот на СДСМ Венко Филипче на новинарско прашање дали неговата партија смета дека постои политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во врска со напуштањето на државата од страна на Груби.
Последната изјава на министерот за полиција Тошковски е дека граничната полиција направила кардинална грешка кога не виделе на компјутерот дека Груби е на Стоп-листата. Во јавноста се објавија и делови од исказот во полициска станица на почесниот конзул на Косово во земјава А.П, според кои бизнисменот го пренел Груби во Албанија преку Косово каде пак границата помеѓу двете земји се поминува без гранична контрола. За бегството на Артан Груби одговорен според кривичната пријава поднесена од МВР е граничниот полицаец Б.Ј на преминот Блаце кој го пуштил осомничениот да помине, иако тој бил на Стоп листата ,,задржи и извести,, Поминувањето било заводено дека се случило пешки.
Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Бране Петрушевски пак, рече дека однесувањето на Груби во Владата не им пречело само на СДСМ и на Венко Филипче.
,, Бегството на Груби му одговара само на СДСМ, зошто така ќе излезат на површина сите криминали кои ги правеле. Џабе им се сите изговори. Колку и да се препелкаат СДСМ во калта во која живи тонат, не може да се спасат од одговорност“, изјави Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ.
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот. Двајцата, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата. (П.А)