Информацијата дека 37-годишен македонски државјанин се бори во Доњецк, на страната на руските вооружени сили и официјално ја вброи Македонија, во листата на земји од каде што се регрутираат странски борци во руско-украинскиот конфликт. Од полицијата за весникот ВЕЧЕР информираат дека се истражуваат лица за кои постои сомнеж дека се дел од паравоени формации, а проверката на сознанијата се одвивала и на разузнавачко ниво. Во меѓувреме, кривичниот суд му одреди домашен притвор на скопјанецот Љ.Б кој е осомничен за кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“, дело за кое законот предвидува казна затвор од најмалку пет години. До сега јавноста беше сведок на регрутирање на борци од земјава во редовите на озогласената ИСИС ,на боиштата во Сирија и Иран. Одолговлекувањето на воениот конфликт во Украина и загубата на војници од двете завојувани страни, ја активира кампањата за регрутирање на странски борци на социјалните мрежи. Дека платената војска е атрактивна за македонските државјани потврди и објавата на полицијата во која се вели дека за учеството во руската војска месечно се плаќало 3.000 евра. Привлекувањето на странски борци на украинските боишта се прави преку групи на платформата Телеграм, потврди нашето МВР. Еден од каналите на кои се објавува руски пропаганден материјал е „Словенски медведи“, кои за релативно кусо време успеа да привлече над 60 илјади следачи од Баканот. Според истражувањето кое го направиле од БИРН, повеќе од половина милион луѓе следат 23 промосковски канали на комуникациската апликација „Телеграм“ кои го таргетираат Балканот со наративите на Кремљ, па дури и дејствуваат како регрутирање борци за Русија. Телеграм се покажа како најуспешната платформа за ширење на различни видови дезинформации како резултат на слабите ограничувања на содржината. Пораките вклучуваат повици за поддршка на Русија, медиумска содржина од борбениот фронт и обиди да се мобилизираат граѓаните на земјите од Западен Балкан да се вклучат во „борбата против Западот“. Во една таква црна пропаганда се навлекол и компањонот на уапсениот македонски државјанин, Т.Ш., чиј живот згасна во жестината на војната многу брзо по приклучувањето во војската. Откако двајцата претходно аплицирале на конкурс за учество во руските воени сили, ја извадиле визата за патување и заминале во Русија. На 23 септември годинава потпишале и договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецка Народна Република за служење во нивните воени, паравоени и параполициски единици. Според истражувањата кои ги направивме на платформата Телеграм, конкурсот бара борци на возраст од 18 до 60 години, не е потребно воено искуство, но доколку апликантот го има тоа би било предност. Шансите ги зголемува искуство во органите за спроведување на законот, паравоени организации па дури и во гаснење на пожари. Регрутите од другите земји при пристигнувањето се подложени на медицински прегледи а потоа се носат на брза обука заедно со други странци, најмногу од Непал, Индија, Киргистан, од балканските народи според судските пресуди за повратниците во платена војска заминуваат српски и босанскохерцеговски државјани. Полицијата при претресот во домот на македонскиот државјанин заплениле тактичка облека, документи на руски јазик на негово име, компјутер, мобилен телефон.
Според последната објавена листа на странски платеници од страна на руското министерство за одбрана на боиштата во Украина пристигнале повеќе од 13 илјади борци, а починале речиси 6 илјади. На листата во редот борци од Македонија стои дека од 2022 година во руската офанзива се приклучиле 90 луѓе, а животот го загубиле 30 од земјава. Од нашето МНР не добивме одговор дали има наши државјани на украинските боишта и ако има колку се починати.
Учеството во странска војска е забрането со закон
И украинската војска кани странски државјани да се приклучат во меѓународната легија во борбата против руската инвазија. Веднаш по повикот, кој на социјалните мрежи беше споделен и на македонски јазик, нашето министерство за надворешни работи потсети дека учеството во странска војска е кривично дело, а казна следи и за тој што ќе организира поединци или групи за учество во странски војски или формации со казна затвор од најмалку пет години. Во кривичниот суд досега со осудителни пресуди завршија процесите против македонски државјани кои се бореа за ИСИС, дел од нив го признаа учеството во паравоената формација. Според проценките, 143 граѓани на Македонија во последните години патувале или се обиделе да отпатуваат во Сирија, во Ирак или во двете земји за да им се придружат на терористичките групи за време на неколкугодишната граѓанска војна. (П.А.)