Набавка на полуподземни контејнери, развој на регионални патишта до туристички цели, реконструкција на стари објекти се дел од проектите со кои аплицираа општините од североисточниот плански регион преку Центарот за развој на североисточниот плански регион, (СИПР) информираа надлежните. Според новиот правилник за неразвиеност, североисточниот веќе не е најнеразвиен регион. Годинава се реализираа проекти од областа на животна средина и за развој на туризмот.
– За разлика од претходните години годинава се реализираа проекти коишто сè уште не се завршени, меѓутоа со напорите коишто ги направи Министерството за локална самоуправа се обезбедија средства, проектите продолжија и останаа уште неколку активности коишто ќе се дореализираат до март следната година – изјави Владимир Павловски од СИПР.
Општина Куманово аплицираше за набавка на полуподземни контејнери и повеќенаменско транспортно возило за ЈП „Водовод“ Куманово, а во апликацијата за туризам, Општина Кратово имаше барање за развој на патот до туристичкиот локалитет во село Мождивњак, Ранковце за село Опила, Крива Паланка за регионален пат, Старо Нагоричане со барање за туристички инфо-центар т.е. реконструкција на два стари објекта спроти општината во Старо Нагоричане.
– Остана да се завршат проектите во Старо Нагоричане и Ранковце. СИПР аплицираше на програмата ИПА прекуграничен проект Бугарија со проект заедно со Општина Куманово-урбан грин, раззеленување на Општината во ставката на животна средина.
Општина Куманово ќе биде зазеленета во пределот од поток Серава десната страна до кружниот тек и од пазарчето на „Октомвриска револуција“ до кружниот тек. Ќе биде зазеленета целата десна страна. Потоа, хортикултурно ќе биде уреден училишниот двор во економското училиште, како и дворот на училишниот дом „Професор Мијалковиќ“ од страната на „Бајрам Шабани“, којшто има потреба од дрвореди – изјави Павловски.