Годинава се лечат раните во земјоделството, следната ќе се прави бум во производство!

За два дена се исплатени тековни субвенции од 1,7 милијарда денари кон 78 македонски земјоделци. Ова е историска исплата што не се случила досега во македонското земјоделство, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски. Оваа година како што рече ги залекувале раните и ги враќале работите во нормала, а од наредната најави поголемо производство. И премиерот Христијан Мицкоски рече дека имаме историска голема исплата за субвенции за земјоделците. Повеќе од 28 милиони евра се исплатени само во последниов период. Инаку, вкупно во цела година, а посебно последните 6 месеци исплатени се субвенции за 400 милиони повеќе од она кое претставува историски најголем резултат

1016

За два дена се исплатени тековни субвенции од 1,7 милијарда денари кон 78 македонски земјоделци. Ова е историска исплата која не се случила досега во македонското земјоделство, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски. Изминатите шест месеци како што рече исплатени се 4,3 милијарди денари заостанати субвенции од 2020 до 2023 година.

-Бројките и делата покажуваат дека нема политички флоскули и лажни ветувања. Нашето ветување кон земјоделците е реалност. Секој граѓанин што решил да се занимава со земјоделство заслужува навремена исплата на субвенции и поддршка од државата. Земјоделците имаат вистински партнер во Владата и заедно ќе креираме нови мерки за 2025 година со цел да го вратиме македонското земјоделство на пиедесталот во нашата држава, изјави Трипуновски.

Тој посочи дека годинава е постигната рекордна цена на тутунот од 400 денари плус 100 денари субвенции кои се зголемени за 20 денари од претходните 80 денари. Тоа значи дека секој тутунопроизводител во државата ќе добие по околу 500 денари за килограм тутун. Триупуновски вели дека целта е да го вратат македонското земјоделство како што беше пред 10 години и да го зголемат производството.

-Проблемот е што исплаќаме заостанати субвенции кој требало тековно да бидат исплатени. Тоа е една од причините зашто нашето земјоделство има сериозен пад и зошто повеќе увезуваме отколку што извезуваме земјоделски производи и покрај тоа што ги имаме сите предиспозиции за квалитетно производство. Исплатата на тековните субвенции за 2024 година е показател дека сакаме да го зголемиме производството и освен што ќе ја храниме нашата нација и ќе извезуваме, подвлече Трипуновски.

Оваа година, како што рече, ги залекувале раните и ги враќале работите во нормала, а од наредната најави поголемо производство.

-Следната година фокусот ќе го ставиме на стратешките производи, пченица, пченка, јачмен, на производите од сточарството, особено млекопроизводството, градинарските култури… Сето она што нашите климатски услови го дозволуваат ќе биде во фокусот на зголемување на количините и квалитетот, рече Трипуновски.

И премиерот Христијан Мицкоски рече дека имаме историска голема исплата за субвенции за земјоделците.

– Повеќе од 28 милиони евра се исплатени само во последниов период. Инаку, вкупно во цела година, а посебно последните 6 месеци исплатени се субвенции за 400 милиони повеќе од она кое претставува историски најголем резултат, но тука не треба да се игнорира и заборави дека имаме историски највисока цена за лозарите, за тутунарите, за останатите земјоделски култури. Јас сум навистина задоволен од тоа како се менаџираат ресурсите, изјави Мицкоски.

Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65.000, за разлика од пред десетина години кога изнесуваше 90.000, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140.000 грла крупен добиток иако пред речиси една деценија имаше 260 000 грла крупен добиток.

(А.С.)