„Волшебната елка“ ќе им ги исполни желбите на децата од згрижувачките семејства

108

Црвениот крст на град Скопје и годинава за 160 деца без родителска грижа, сместени во згрижувачки семејства, го организира предновогодишниот настан „Волшебна елка на желба“.

-На почетокот на декември, децата ги запишаа нивните новогодишни желби и ги закачија на големата елка поставена во просториите на Центарот, а потоа ги поттикнувавме сите хумани граѓани, компании, организации и институции да ја посетат нашата волшебна новогодишна елка, да изберат некој од „лампионите“ на кои се запишани желбите, и  да помогнат во нивно остварување – соопштија од Црвениот крст на Град Скопје.

Подароците, на забавен и весел новогодишен настан, ќе се доделат утре, со почеток во 11 часот, во просториите на ТЦ „Рамстор“. На секое од децата ќе им биде исполнета новогодишната желба запишана на елката.

Активноста „Волшебна елка на желби“ е иницирана пред 17 години. Идејата е дека секој човек, особено дете, треба да се чувствува убаво и среќно за време на новогодишните празници.