Националната галерија на Македонија, за крај на годината, во Даут-пашиниот амам ќе одбележи уште еден исклучителен јубилеј, овој пат 100 години од раѓањето на уметникот Ристо Лозаноски (1923 – 1965), а отворањето на изложбата ќе биде на 26 декември, во 19:00 часот.
– Еден од овие автори што, во одреден културно-историски контекст, одиграле важна улога во дефинирањето на она што го нарекуваме денес македонска историја на уметноста е Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965). Лозаноски, во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот Даут-пашин амам, е претставен со две дела „Прастари облици“, 1961, масло на платно, и „Бела стихија“, 1962, масло на платно, во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 60-тите години од XX век, односно историскиот приказ на времето што се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што, од своја страна, доволно зборува и за местото и значењето на овој уметник. Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе свои осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. Присуството на Лозаноски во споменатите селекции се должи на неговиот распространет интерес и на дејствувањето на повеќе полиња во смисла на ликовниот израз и изборот на теми што го окупирале неговиот интерес во, сепак, релативно краткиот животен и творечки век (починал на рана возраст од 42 години). Така, Лозаноски уште од самите почетоци, го интересирале повеќе теми – од портрети, актови и фигури, преку мртва природа, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па сè до теми со извесни реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) провениенција. Прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност, чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што, како автор, го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања – посочуваат од Националната галерија.
За уметникот Ристо Лозаноски весникот ВЕЧЕР на 15 мај 1965 напиша:
„Лозановски неуморно создава и ликовни дела врзани за земјата, нашиот човек и неговата вековна борба за слобода. Од тој период на неговото творештво се познати сликите на циклусот „Народноослободителна борба“, во кој ја прикажува храброста и моќта на нашите партизани. Неговите слики говорат дека секој камен и секоја појава имаат човечка смисла и затоа на камените хоризонти им дава смисла нa ликови, во акциjа“.
Изложбата ќе биде поставена до 27 февруари 2025 година.