: Кавадарчанец, на Интернет, им се заканувал на градоначалникот и неговата фамилија

31

Кавадарчанец бил лишен од слобода, на Интернет им се заканувал на градоначалникот и неговата фамилија. Градоначалникот Митко Јанчев вчера за МИА потврди дека тој и неговата фамилија биле цел на закани.

– Рано утрово во 00:05 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода С.М. (29) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава дека подолг временски период му се заканувал на М.Ј. (43) од Кавадарци, на социјалните мрежи. С.М. бил задржан во полициска станица, бил известен јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – соопштија вчера од СВР Велес.

Оттаму информираа дека во понеделникот во 19:00 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода Б.Ѓ. (34) од неготинско село, постапувајќи по пријава од неговата 31-годишна сопруга, со која не живеел во заедница, дека ѝ се заканувал на социјалните мрежи.

– Б.Ѓ. бил задржан во полициска станица, бил известен јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава – известија од СВР Велес.

Полициски службеници од ОВР Кавадарци во понеделникот ги лишиле од слобода 43-годишната Л.Б. и Н.Б. (48), двајцата од Кавадарци.

– При претрес во објект на градскиот плоштад, кој го користеле, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени 679 разни видови пиротехнички средства. Л.Б. и Н.Б. биле приведени во полициска станица, бил известен јавен обвинител и по документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава – информираа од СВР Велес.