Плоштадот остана без новогодишна магија, журките се селат во Расадник и во Шутка! 

1899

Општина Кисела Вода повикува на незаборавен пречек на 2025 година со целодневната програма „Скопска новогодишна приказна“ на платото пред спортската сала Расадник. Оттаму, информираат дека се работи за весела и незаборавна прослава на Новата 2025 година, токму на 31 12.2024 година.

-Додека од Град Скопје нема никаква најава за организирана прослава за најлудата ноќ, Општина Кисела Вода уште еднаш докажува дека е лидер во организирањето културни настани. Со домашни изведувачи, кои се миленици на публиката, создадовме програма која ги обединува генерациите. Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град – вели Ѓорѓиевски. Тој ги покани сите скопјани да им се придружат и заедно да ја пречекаат 2025 година со многу радост, музика и убави мигови. И градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика сите граѓани на Скопје, на 31 декември да им бидат гости на плоштадот во општина Шуто Оризари, каде што ќе можат ја доживеат новогодишната атмосфера во полн сјај

 

 

Градоначалниците на скопските општини се разочарани од тоа што една недела пред Нова година, првата дама на Град Скопје, уште нема абер да ја најави програмата за празниците што претстојат, но и од тоа дали на градскиот плоштад ќе се организира пречекот на најлудата ноќ.

Поттикнати од тоа, секој од нив на својата територија организираат настан со кои на граѓаните ќе им овозможат да ја почувствуваат новогодишната атмосфера и да се забавуваат.

Општина Кисела Вода повикува на незаборавен пречек на 2025 година со целодневната програма „Скопска новогодишна приказна“ на платото пред спортската сала „Расадник“. Оттаму, информираат дека се работи за весела и незаборавна прослава на Новата 2025 година, токму на 31.12.2024 година.

Тие потенцираат дека настанот започнува во 10:30 часот со настап на балетското студио „Лебед“, а ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“.

– Малите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и задолжителниот Дедо Мраз, кој овој пат ќе биде во друштво на ликот Гринч – соопштија од општина Кисела Вода.

Вечерната програма започнува во 20:00 часот со настап на популарната група „Куку леле,“ продолжува со Игор Џамбазов, кој е и водител на вечерта, а ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Потоа, на сцената ќе се појават ДНК и Врчак, а кулминацијата и пречекот на Новата година ќе го означи настапот на Лозано.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски нагласува дека Кисела Вода повторно се позиционира како општина која знае да организира врвни настани со квалитетна музичка понуда, потсетувајќи на успешните културни лета кои со години привлекуваат голем број посетители.

-Додека од Град Скопје нема никаква најава за организирана прослава за најлудата ноќ, Општина Кисела Вода уште еднаш докажува дека е лидер во организирањето културни настани. Со домашни изведувачи кои се миленици на публиката, создадовме програма која ги обединува генерациите. Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град – вели Ѓорѓиевски.

Тој ги покани сите скопјани да им се придружат и заедно да ја пречекаат 2025 година со многу радост, музика и убави мигови.

-Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа „Скопска Новогодишна приказна“, која ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

И градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш ги повика сите граѓани на Скопје на 31 декември да им бидат гости на плоштадот во општина Шуто Оризари, каде што ќе можат ја доживеат новогодишната атмосфера во полн сјај.

-Покрај недостатокот на елементарна способност за обезбедување на основни јавни услуги, скопската градоначалничка Данела Арсовска има недостаток на идеја, волја и желба да се усреќат сограѓаните барем за новогодишните празници, оставајќи ја најубавата јавна површина во градот штура, нема и без програма – напиша Дудуш на Фејсбук.

Тој најави богата програма за сите генерации и во текот на денот и вечерта на 31 декември. Програмата почнува во 12:00 часот на пладне, со програма за најмалите, а потоа забавата продолжува сè до утринските часови, со богата ромска музика и песна.

Општина Центар, пак, на 27 декември организира голем предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со познатите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов. Предновогодишната забава ќе почне во 20 часот, на локација „Боемска 1“.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека за загревање на атмосферата ќе биде задолжен легендарниот диџеј Александар Јорданов, по што ќе следат единствените „Нокаут“.

 -Качете се на временската машина на „Нокаут“ и запејте ги  „Фатална опсесија“, „Лебедот бел“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“. Ветуваме убава атмосфера под новогодишните светилки на Боемска. Задолжителниот дрес код е добро расположение, насмевка и позитивни вибрации. Поканата важи за сите скопјани, Ве покануваме на добра македонска музика, заеднички да го прославиме крајот на годината – повикa Герасимовски.

Утре пак, со почеток во 19 часот, ќе се одржи и настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанска амбасада, каде што граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез-верзија на македонските евергрини од Искра Србиновска квартет, но и да пробаат греено вино и печени костени.

Над 3.000 аеродромци, пак, во саботата уживаа во прекрасниот предновогодишен настан „Аеродром пулсира vol.3“, што се одржа пред платото на „Џевахир мол’.

За целиот спектакл да тече беспрекорно се погрижи познатиот водител Марко Новески. Сите генерации во еден глас ги пееја безвременските хитови на легендарните Игор Џамбазов и Гури Харе, кои на свој уникатен начин внесоа посебна топлина меѓу публиката. Настапи и Тони Зен, а посебно воодушевување кај помладата публика предизвикаа Лара и Пајак со нивните актуелни хитови. Безвременската Каролина Гочева донесе посебна магија во вечерта и со својот моќен глас, како и секогаш, никого не остави рамнодушен.

„Аеродром пулсира Vol.3“ заврши со спектакуларен огномет и со тоа полека ја заокружуваме 2024, со надеж дека 2025 ќе биде уште поуспешна година за сите.

Предновогодишната атмосфера во Аеродром е надополнета и со отворањето на „Зимзоленд“ што се одржува на паркингот пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром.

„Зимзоленд“ ќе трае до 19 јануари, а организаторите најавија повеќе музички настани за сите возрасти, „свирки“ во живо, настапи на диџеи и тематски вечери како што се латино хип-хоп вечери и караоке шоу.

Најмногу радост на младите им донесоа лизгалиштето и забавниот парк со неколку адреналински реквизити.

(А.П.)