Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е одложено за 23 јануари откако, на вчерашното судење, Јавното обвинителство дало мислење за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски. Како што информираа од Кривичниот суд, Судот го доставил мислењето до странките во постапката и рочиштето е одложено за 23 јануари, до кога треба да одлучи за барањето на странките и за мислењето на Обвинителството.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдиле за МИА дека го дале мислењето по напатствија од Апелациониот суд, кој во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година.
Претходно, обвинетите што се товарат дека го сториле кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, поднесоа барање до Основниот кривичен суд да одлучи за поднесокот за амнестија без да се изведуваат материјални и вербални докази.
Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, тогаш информираше дека во поднесокот обвинетите навеле дека е потребно Судот да донесе решение за примена на Законот за амнестија, бидејќи веќе има воспоставено таква практика, односно Кривичниот совет во 2018 година има донесено решение за амнестија во тек на главна расправа, во фаза на доказна постапка, каде што не се чекало завршување на доказната постапка.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер, Вељаноски, беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Јанакиески и Ристовски добија казна од шест години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК, Атанасовски, шест години затвор, и го врати предметот на повторно судење.