Мисајловски тврди дека аранжманот за набавката на италијанските хеликоптери не бил заверен во МО, за Петровска сè е валидно

ИМА ЛИ ПРАВНИ ПРОПУСТИ ВО НАЈСКАПАТА НАБАВКА ТЕШКА 249 МИЛИОНИ ЕВРА?

818
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска соопшти дека техничкиот ангажман што е потпишан меѓу македонскиот и италијанскиот министер не е заверен во Министерството за одбрана и дека е проблем тоа. Неговата претходничка, Славјанка Петровски, пак, тврди дека сè е валидно

 

Се врши ревизија на договорот за набавка на хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ за да тој  биде правно чист, изјави денеска Владо Мисајловски, министерот за одбрана. На средба со претставниците на медиумите, во пресрет на новогодишните празници, тој рече дека договорот, сепак, ќе биде почитуван од наша страна. Се работи за најскапиот договор, кој се однесува на Министерството за одбрана и кој опфаќа набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра. Во име на владите на двете земји, беше потпишан во март минатата година, од тогашната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, и од италијанскиот колега, Гуидо Кросето.

– Се работи за најголемиот договор, кој треба да почне да се реализира кон крајот на следната година и ние сме многу внимателни околу него и го проверуваме. Двете фази од тој договор поминале на седница на тогашната Влада. Но, техничкиот ангажман што е потпишан меѓу министрите не е заверен во Министерството за одбрана и тоа е проблем, кој мора правно да се реши за да бидеме правно покриени – рече Мисајловски.

Тој додаде дека договорот бил склучен набрзина, дека на претходната власт очигледно ѝ се брзало спроти изборите. Но, додаде дека потоа не биле преземени предвидените постапки.

– Тогаш е исплатен аванс од 39 милиони евра и по тоа, не се презело речиси ништо. Во јануари треба да исплатиме 35 милиони евра. Ќе има ревизија на целиот процес, и тоа е веќе започнато од наша страна. Инаку, ние ќе продолжиме со неговата реализација – рече министерот Мисајловски.

На ова вчера одговори поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Таа рече за ВЕЧЕР дека нема сомневање дека двете влади ќе се придржуваат кон договорот.

– Договорот за набавка на хеликоптери е склучен со компанијата „Леонардо“ и тој е заверен во архивата. Овој договор е резултат на повеќе од тригодишното работење на интегрираниот проектен тим, составен од експерти од воздухопловството од Армијата и МО, чија задача беше набавка на повеќенаменски хеликоптери, заедно со Комисијата за набавки. Договорот е валиден и врз основа на тоа, компанијата има обврска да го почитува рокот за испорака на хеликоптерите. Со оглед на тоа што е склучен договор влада со влада, сигурна сум дека италијанската Влада гарантира дека испораката ќе биде согласно со договореното. Во поглед на ревизијата, во периодот од 2017 до 2024 година, во Министерството се преземени илјадници процеси и постапки, но, исто така, и многу процеси и постапки се подобрени. На мое барање, Државниот завод за ревизија изврши ревизија за работењето за 2022 и за 2023 година и даде извештај во кој не се констатирани злоупотреби. Што се однесува до техничкиот аранжман за кој зборува Мисајловски, и тој договор е одобрен од двете влади и врз основа на тоа е потпишан од двајцата министри. Не би навлегувала во административните процедури, но доколку го прифатат двете страни, тој е правно-обврзувачки и немам сомнеж дека двете влади ќе се придржуваат кон него – рече Петровска за ВЕЧЕР.

Инаку, со потпишувањето на овој договор, покрај набавката на осум хеликоптери, кои треба да бидат испорачани во периодот од 2026 година до крајот на 2028 година, беше вклучен и пакетот за логистичка поддршка, односно опрема, резервни делови, тренажер, комплетна обука на летачкиот и на техничкиот персонал и изградба на модерен инфраструктурен објект.

Следната година, прием на нови 300 професионални војници

Мисајловски денеска најави дека се предвидува прием на нови професионални војници.

– Од следната година почнуваме постапка за прием на нови 300 професионални војници. Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира, ќе го види огласот и ќе се пријави. Со тој начин, го зголемуваме бројот на припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Исто така, продолжуваме со приемот на до 60 граѓани со цивилни факултети. Ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што се дополнителни вработувања за оние категории што се најпотребни во Министерството за одбрана – најави министерот.

Тој објасни дека буџетот на МО ќе изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони евра се наменети за модернизација и за опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година, тоа се 18 милиони евра повеќе. Додаде дека сè уште не се размислува за воведување на задолжителен воен рок. Најави и реконструкција на голем дел од капацитетите со кои располагаат, оти се во лоша состојба. Меѓу капацитетите што ќе се реновираат, најави дека е и Домот на АРМ, чија обнова ќе оди етапно.