Вистина или шпекулација за естрадната ѕвезда?
Петар Грашо, сплитскиот пејач и поранешно момче на сплитската пејачка Данијела Мартиновиќ, важи за еден од најбогатите пејачи на просторите на поранешна Југославија. Секаде каде што настапува (од Вардар до Триглав), салите се исполнети до последното место. Логично, тоа му носи одлична заработувачка, која му овозможува да живее луксузно и чесно, бидејќи чесно заработува!
Пејачот умно ги вложува своите пари. Го шири бизнисот, па инвестирал речиси 200.000 евра во луксузен имот. Таквиот луксузен апартман на Петар Грашо се наоѓа на планината Јахорина, која е во Босна, над метрополата Сараево.
Таму Грашо купил апартман во комплекс што се наоѓа на стотина метри од скијачките патеки, кои се со поглед кон боровата шума, на нешто повеќе од 1.500 метри надморска височина. Цените за квадрат во овој комплекс во кој ужива Грашо со семејството се движат од 2.700 до 4.000 евра. Се работи за станбен комплекс што е изграден по највисоките архитектонски, проектантски и технолошки стандарди. За него не е проблем да купи, бидејќи заработува од концертите за уште пет животи.
– Јахорина ја сакаат сите, бидејќи изобилува со гостопримство, позитивна енергија, добра забава, опуштеност, радост и со многу снег. Јас, како Далматинец, иако го сакам морето, повеќе ги сакам снегот и скијањето. На Јахорина често другарувам со многу мои обожаватели од Босна, од Србија, Хрватска и од Македонија.
Токму така, и од Македонија, па затоа колку им е за верување на приказните дека Грашо поодамна се намерачил да купи уште една зимска недвижност, кај нас, на Попова Шапка, на Шар Планина! Белки, со доаѓањето на големите естрадни ѕвезди на оваа македонска планинска убавица, работите ќе тргнат на подобро. Да се стрпиме, да видиме. Д.М.