По „Супермен“ меѓу учениците долета и игра со пеперутка нож!

Во некои основни училишта во земјава демне опасност од нова „играчка“. Станува збор за пеперутка нож со која се натпреваруваат младите, покажувајќи трикови со вртење три дела, од кои едниот има сечило. Истакнувањето на учениците со новиот предизвик откри вакви „пеперутки“, кои се вбројуваат во ладно оружје, во едно основно училиште во Општината Ѓорче Петров. Биле известени родителите, а учениците поминале со опомена од стручната служба. Учениците споделиле дека дознале за играчката, која може да биде фатална за живот, на социјалните медиуми. „Пеперутките“ се лесно достапни за младите и во продавниците и на пазарите

693

Додека во соседните држави делумно или целосно се ограничува употребата на социјалните медиуми кај младата популација, поради лошото влијание од т.н. предизвици, во некои основни училишта во земјава демне опасност од нова „играчка“. Станува збор за пеперутка нож со која се натпреваруваат младите, покажувајќи трикови со вртење три дела, од кои едниот има сечило. Истакнувањето на учениците со новиот предизвик откри вакви „пеперутки“, кои се вбројуваат во ладно оружје, во едно основно училиште во Општината Ѓорче Петров. Биле известени родителите, а учениците поминале со опомена од стручната служба. Учениците споделиле дека дознале за играчката, која може да биде фатална за животот, на социјалните медиуми. „Пеперутките“ се лесно достапни за младите и во продавниците и на пазарите.

Од Министерството за образование велат дека општините сами одлучуваат дали ќе ангажираат обезбедување во училиштата и дека се самостојни и во одлучувањето за ограничувањето на носењето мобилни телефони. Од Министерството апелираат до наставниците додека се младите ученици во училиште, да ја насочат нивната енергија кон позитивни и корисни проекти, а додека се дома, нивните родители да се вклучат повеќе во нивното секојдневие.

Министерството за дигитална трансформација им испрати на основните и на средните училишта препораки во врска со апликациите на мобилните уреди што имаат штетно влијание врз учениците. Министерот Стефан Андоновски порача дека, сепак, главната одговорност ја имаат родителите и ги упати на користење на системите за заштита на паметните телефони.

– Подготвуваме препораки, кои ќе ги пратиме до сите основни и средни училишта во државата, за димензионирање на услугите што се нудат на овие мобилни апликации. Сепак, главната одговорност ја имаат родителите. Секој паметен уред има системи за заштита на децата, може да се вклучат тие системи. Тоа може да го направи секој родител, може да го направи и на домашните уреди и на тој начин може да ги заштитиме децата од несаканите појави што се на Интернет. Апелирам до родителите, особено на децата во основното образование, веднаш да го направат тоа. Ако сакаат да се справат со овие закани, кои не се кривични дела, не е пропагирање на некое кривично дело преку апликациите, родителите да бидат повнимателни и да ги искористат забраните што постојат на мобилните уреди – изјави Андоновски.

Министерот додаде дека, преку Центарот за безбеден Интернет, во 2025 година Министерството ќе работи на подигање на свеста кај родителите.

На прашањето дали треба да се забранат мобилните телефони во училиштата, по примерот на некои земји од регионот, министерот одговори дека треба да се разговара за тоа со Министерството за образование и наука и со општините како надлежни за училиштата.

– Препораката треба да биде дека во текот на часовите, во текот на наставата, учениците не треба да ги користат своите мобилни телефони. Дали училиштата ќе одат кон целосна забрана на мобилните уреди во училиштето, сепак, тоа останува на луѓето што ги креираат политиките во тој домен. Но, наше мислење е дека никако не треба да се дозволи користењето мобилни телефони во училниците – истакна Андоновски.

За опасностите од нерегулираното користење на социјалните мрежи, вчера предупредија и од Либерално-демократската партија. Од ЛДП бараат да се забрани „Тик-ток“ за малолетниците, по примерот на Албанија, како и да се регулира работата на другите социјални мрежи.

– Апелираме до сите вклучени страни за почнување итна постапка за регулација и контрола на содржината на социјалните мрежи, со цел спречување и избегнување идни вакви немили настани и несакани состојби, особено кога се работи за здравјето и за добросостојбата на нашите деца. Не смееме да дозволиме уште деца да бидат жртви на злоупотребата на „Тик- ток“ и на другите социјални мрежи. Децата стануваат жртви на опасни игри што се пласираат преку социјалните мрежи. Тие содржини, под маската на „забава“, претставуваат сериозна закана за нивното физичко и ментално здравје, а ние, како општество, мора да преземеме одговорност и да ги спречиме ваквите несреќи. Немањето соодветна контрола врз содржините што се достапни на социјалните мрежи овозможува ваквите „игри“ да стигнат до најранливите корисници. Како општество, имаме обврска да направиме сѐ што е во наша моќ да ги заштитиме од штетните влијанија на социјалните мрежи и да им овозможиме среќно и безгрижно детство – велат од ЛДП во соопштението.

Албанија објави едногодишна забрана на „Тик- ток“ по убиството на тинејџер минатиот месец, што ги зголеми стравувањата за влијанието на социјалните медиуми врз децата. Со тоа, таа е првата земја во регионот што посегна по ваква мерка. Премиерот Еди Рама директно ги обвини социјалните мрежи за споделувањето и поттикнувањето насилство меѓу децата во и надвор од училиштата, а кулминираше со смртта на 14-годишното момче во ноември.

Во Грција, пак, се најавуваше дека ќе биде забранет пристапот до социјалните мрежи за сите млади под 15 години, слично по примерот на Австралија, каде што од минатиот месец има целосна забрана на социјалните мрежи за децата под 16 години.

Франција, Германија, Белгија и други земји веќе имаат воведено рестриктивни мерки за регулирање на употребата на социјалните мрежи од страна на малолетниците.

Кај нас, „Тик-ток“ беше актуелен неодамна, откако беа повредени повеќе деца додека го изведуваа предизвикот „Супермен“. Вкупно единаесетмина ученици од скопски училишта за краток период беа примени на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ откако се здобија со потешки и со полесни повреди по играњето на предизвикот „Супермен“, преку социјалната мрежа „Тик-ток“. Најмладиот од повредените има само 10 години, а најстариот 17 години. По појавувањето на овој предизвик, министерката за образование ги повика средношколците да се насочат кон натпреварите во образованието и во науката. Психолозите што ги консултираше весникот ВЕЧЕР, пак, укажуваат дека прво треба, преку истражување меѓу учениците, да се дознае кој е мотивот на младите да се изложуваат на вакви опасности. Тие сметаат дека младите се впуштаат во вакви активности поради желбата да бидат во тек, да бидат „ин“ со нешто што е популарно. Но притоа недостига свеста дека не се води сметка за себе и за сопственото здравје. (П.А.)