Многу е тажно без Ацо Конга од „Нокаут“ – Останаа спомените

213

На денешен ден во 2013 година почина еден од најпознатите македонски музичари, Ацо Богдановски, попознат на естрадата како Ацо Конга.

Роден е во 1960 година, во Скопје. Негова страст беа конгите, по што го доби и својот препознатлив и интересен прекар.

Првата група во која членуваше беше групата „Макакус“ (во 1979 год.), заедно со Џокси, и тогаш почна да „удира“ на ни малку лесните конги.

Набргу стана дел од многу популарниот бенд „Нокаут“, оставајќи длабока музичка трага на неговите два албумa – „Нокаут“ (во 1997 год.) и „До последен здив“ (во 2001 год.), со големите хитови: АБЦ, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“… Од „Нокаут“ и денес со многу емоции се сеќаваат на добриот и секогаш насмеан Ацо.

За жал, се случи тажниот крај, некако брзо и наеднаш. Во 2013 години, Конга доби карцином на коските. Потоа му беше ампутирана раката. Неговите колеги веднаш се собраа, одржуваа концерти и хуманитарни настани преку кои собираа пари за неговото понатамошно лекување. Но, Ацо не успеа да издржи докрај.  Не успеа во тешката битка со страшната болест. Почина во Скопје, оставајќи зад себе, во тага, многу пријатели, колеги, роднини и, секако, своето многу сакано семејство.          Беше женет и беше татко на две прекрасни деца.