За приватни атомски засолништа се фрлаат милиони иако од радијација штити и обичен подрум

44

Федералната влада на САД има водич за подготовка на граѓаните за нуклеарен напад, кој ги советува да најдат подрум или голема зграда и да останат таму најмалку еден ден. Побарувачката на бункери расте, компаниите кои ги произведуваат дневно продаваат барем по еден, иако во просек цената е 500.000 долари. Антинуклеарните застапници ги критикуваат бункерите, засолништата или какви било сугестии дека нуклеарната војна може да се преживее и велат дека решението е во замрзнување и забрана на нуклеарно вооружување

 

Стравот од нуклеарна војна ја зголеми продажбата на бункери низ светот. Луѓето купуваат засолништа во форма на мали метални кутии, до екстравагантни подземни вили. Богатите за нив плаќаат стотици милиони, но критичарите предупредуваат дека тие создаваат лажна перцепција дека нуклеарната војна може да се преживее.

Американските владини експерти за катастрофи велат дека бункери не се потребни. Водичот од 100 страници на Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) за реагирање на нуклеарна детонација се фокусира на тоа луѓето да влезат и да останат во затворен простор, идеално во подрум, и да останат подалеку од надворешните ѕидови најмалку еден ден. Тие постоечки простори можат да обезбедат заштита од радиоактивни врнежи, велат од агенцијата.

Сепак, купувачите велат дека бункерите се повеќе нудат чувство на сигурност. Се предвидува дека американскиот пазар на засолништа од бомби и радијација ќе порасне од 137 милиони долари, колку што изнесуваше минатата година, на 175 милиони долари до 2030 година, според извештајот за истражување на пазарот на „Блу Вејв Консалтинг“.

-Луѓето се чувствуваат непријатно и сакаат безбедно место за сместување на нивните семејства. И тие имаат став дека е подобро да го имаш и да не ти треба отколку да го немаш кога ти треба, вели Боб Хабард, извршен директор на „Атлас Сурвајвал Шелтерс“, кој тврди дека неговата фабрика за бункери, во Сулфур Спрингс, Тексас, е најголемата од ваков вид во светот.

Хабард, исто така, рече дека затворањето поради ковид-19, руската инвазија на Украина и избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас ја зголемиле продажбата. Додава дека неговиот телефон ѕвонел без престан откако Русија првпат употребила експериментална хиперсонична балистичка ракета во нападот врз Украина на 21 ноември. Четири лица купиле бункери во еден ден, а уште неколку нарачале врати и други делови за засолништата што веќе ги граделе. Хабард наведува дека неговите бункери се изградени за сите катастрофи, од торнада, урагани до нуклеарни експлозии, од пандемии до вулкански ерупции, вели тој. Цените на неговите производи сега се движат од 20.000 до неколку милиони долари, или во просек 500.000 долари, а најчесто дневно се продава барем по еден бункер.

-Добрата вест за нуклеарната војна, ако воопшто постои, е дека е многу можно да преживеете, ако не умрете во првата експлозија, вели тој.

Брук Бадмајер, експерт за заштита од радијација во Националната лабораторија Лоренс Ливермор, каде што американската влада дизајнира нуклеарно оружје  појаснува дека кога ќе се случи нуклеарна експлозија и ќе се создаде голем облак, самото влегување внатре, подалеку од местото каде што паѓаат радиоактивните честички, може да заштити. Според Мајкл Дилон, научник од Националната лабораторија Лоренс Ливермор, по смртоносната и заглушувачка експлозија, моќниот блесок и формирањето на облак од печурки, потребни се околу 15 минути радиоактивните честички да стигнат до оние кои се на 1,6 или повеќе километри оддалечени од нулта точката. Тие 15 минути, според водичот на Федералната влада, се доволни за да се спречи поголема изложеност на радијација.

-Буквално ќе ви паѓа песок на глава и ќе сакате да се извлечете од таа ситуација. Сакате да се засолнете во вашата најјака зграда, рече Дилон чија организација проценува дека луѓето можеби ќе треба да останат во затворени простории ден или два пред да се случи евакуација.

Антинуклеарните застапници ги критикуваат бункерите, засолништата или какви било сугестии дека нуклеарната војна може да се преживее и велат дека решението е во замрзнување и забрана на нуклеарно вооружување. Еден од нив е конгресменот од Масачусетс, Џејмс Мекговерн, кој вели дека ако некогаш се употреби нуклеарно оружје, ќе умрат милиони и милиони луѓе.