Катар се закани дека ќе ја прекине испораката на гас за Европската унија

36

Катар се закани дека ќе го запре снабдувањето со гас за Европската унија доколку земјите-членки строго ги спроведат новите закони.

Тие закони пропишуваат казни за компаниите кои не ги исполнуваат критериумите за емисиите на јаглерод, човековите и работничките права.

Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Каби во интервју за Фајненшл тајмс објавено денеска изјави дека доколку некоја земја од ЕУ изрече казни за непочитување на скалата наведена во директивата за корпоративна длабинска анализа, Доха ќе престане да ги снабдува со течен природен гас.

Директивата, одобрена оваа година, бара од големите компании кои работат во ЕУ да проверат дали нивните добавувачи користат принудна работа или предизвикуваат штета на животната средина и да преземат мерки против нив.

„Ако изгубам пет отсто од приходите со одење во Европа, нема да одам во Европа. Не блефирам“, изјави Каби за ФТ, додавајќи дека „пет отсто од приходите на компанијата Катар енерџи значи пет проценти од приходите на државата Катар“.

Тој додаде дека тоа се пари на народот и дека никој нема да прифати да ги загуби.

Каби, извршен директор на државната нафтена компанија Катар енерџи, рече дека ЕУ треба темелно да ја разгледа гореспоменатата директива.

Директивата е дел од поширокиот сет на барања за усогласување на компаниите со амбициозната цел на ЕУ за постигнување нулта емисија на јаглерод до 2050 година. Но, многу компании се побунија, и внатре и надвор од ЕУ, жалејќи се дека правилата се премногу строги и ги ставаат во неповолна положба.