Најмалку десет лица настрадаа при уривање на мал авион во туристички град во Бразил

206

Мал авион со 10 луѓе се урна во продавници во центарот на туристичкиот град Грамадо на југот на Бразил во неделата, соопштија официјални лица, а првичните извештаи покажаа дека нема преживеани, пренесува Си-Ен-Ен.

„За жал, првичните извештаи покажуваат дека патниците во авионот не преживеале“, рече гувернерот Едуардо Леите во објава на социјалната мрежа X, пренесе Си-Ен-Ен.

Според информациите од канцеларијата за јавна безбедност на државата Рио Гранде до Сул, најмалку 15 лица се пренесени во болница, а повеќето од нив се повредени поради вдишување чад предизвикан од пожарот што уследи по несреќата.

Според извештаите, авионот прво удрил во оџакот на една зграда, а потоа во вториот кат од една куќа, пред да удри во продавница за мебел, соопштија властите. Урнатините стигнале и до блискиот куќи.

Градот Грамадо, кој се наоѓа во планински регион, е најпопуларната туристичка дестинација во државата Рио Гранде до Сул, која на почетокот на оваа година беше тешко погодена од невидени поплави кои однесоа десетици животи, уништија инфраструктура и значително ја оштетија економијата на државата .

Несреќата се случила само неколку дена пред Божиќ, во особено напорен период за градот, кој традиционално е украсен и домаќин на бројни свечени настани.