Укинувањето на бесплатниот превоз студентите ќе ги чини колку студентскиот оброк!

76

Проблемите со јавниот градски превоз не стивнуваат. По исклучувањето на линиите на приватните превозници и немање на редовни автобуски линии, стигна најновата информација дека постои закана да им се укине бесплатниот градски превоз на студентите.  Во моментов, никој од нив не може да ги продолжи картичките кои секој декември се обновуваат и траат цела година. Одговорот кој го добиваат на билетарниците е дека сè уште не донесено решение за нивното продолжување.

Според Град Скопје, Владата има долг кон Јавното сообраќајно претпријатие кој до крајот на годината би изнесувал и до 10 милиони евра, а според извештајот од  Државниот завод за ревизија, Министерството за образование, две години не ги покривал трошоците за бесплатниот јавен превоз на студентите. Во меѓувреме МОН се оградува од обвиненијата дека должи пари на Град Скопје. Од МОН велат дека не должат пари за студентските билети и вината за овој проблем ја лоцираат кај градоначалничката на Град Скопје. Уверуваат дека студентите нема да останат наредната година без бесплатен јавен превоз, но бараат да добијат прецизен извештај колку пари ќе има за таа намена.

И додека институционалните препукувања и понатаму продолжуваат, со ваквата мерка сериозно би се влијаело на студентскиот стандард кој и онака не е розов.

Како одговор на прашањето „Што доколку навистина се укине бесплатниот јавен превоз, колку трошоци ќе имаат студентите во текот на тој период? За весникот ВЕЧЕР направивме една груба пресметка со претпоставка дека студентите во текот на следната година нема да имаат можност за продолжување на нивните картички.

Имено, на новата апликација SkopjeBus, стои дека билет за 1 возење изнесува 35 денари, што значи дека за одење на факултет студентите би плаќале по 35 денари билет. Дел од нив живеат и во места немаат директен автобус што ги носи до факултетот па потребно е да се качат и во повеќе од еден автобус. Ако на сево ова го додадеме и билетот за враќање, ќе добиеме сума од 130 денари само за еден ден, а ако го земеме и предвид фактот што во следниот период следува и зимската испитна сесија на скоро сите факултети и студентите ќе мора да одат и по неколку пати во неделата на факултет, тогаш оваа сума би изнесувала 420 денари само за една недела. Повеќето од студентите одат и на пракса, а дел од нив се и вработени и во текот на денот повторно ќе треба да променат неколку автобус за да пристигнат од факултет на работа, и од работа дома.

На сево ова горе споменатото мора да ја споменеме и картичката за оброк што ја земаат студентите. На неделно ниво тие добиваат по 840 денари кои им се на располагање, а со зголемувањето на цените се зголемува и храната која е достапна на производите кои може да се платат со студентската картичка, па така парите кои би ги дале на градскиот превоз би биле приближно колку еден оброк кој би се платил со студентската картичка.

Овој проблем ги засега и средношколците и пензионерите и сите оние кои се корисници ка картичката „Скопска’’.

Факултетското студентско собрание и овој пат испрати апели до надлежните за навремено решавање на овој проблем, а како што најавија и од таму можни се и протести пред институциите бидејќи според нив смешно е да се нема бесплатен јавен превоз.

Но сево ова се само претпоставки што ако биде. Студентите и овој пат се  оставени во неизвесност. Овој проблем е уште една причина зошто треба се чуе гласот на студентите и на младите бидејќи како и сите граѓани и врз нив паѓа дел од товарот. (С.Б.)