Мицкоски: Го споревме падот, но сè уште не сме дојдени до точка нула

336

Слободниот пад, кој ѝ се случуваше на државата во изминативе години е сопрен, но сè уште не е дојдено до точката нула од која би почнало развивање на државата како што сака владината коалиција. Ваква порака вчера испрати македонскиот премиер Христијан Мицкоски за време на престојот во Гевгелија каде присуствуваше на почетокот на градбата на новиот Трговски центар, инвестиција вредна околу 20 милиони евра и која ќе овозможи отворање на 350 работни места.

Тој одговори на новинарско прашање врзано за најновата анкета која покажа дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува 21,5 проценти, на коалицијата Вреди – 5,5 отсто, на ДУИ  5,4 проценти, на СДСМ 3,9 отсто, на Левица 2,9 проценти, на ЗНАМ 2,1 процент итн. На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, 27,2 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е Христијан Мицкоски. На второ место со само 5,3 отсто доверба е Али Ахмети, претседателот на ДУИ. По него следуваат Максим Димитриевски и Венко Филипче со по 3,6 проценти, па Арбен Таравари (2,9 отсто), Димитар Апасиев (2,26 проценти), Изет Меџити (1,8 отсто), … Мала е разликата во ставот на граѓаните во однос на тоа во која насока се движат работите во Македонија  – 35,6 отсто од испитаниците сметаат дека таа насока е правилна, а за 34,3 отсто од нив – погрешна.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата прават сè што можат да испорачаат резултати за да покажат дека не се исти како другите.

-Задоволен сум од резултатите. Дали можело подобро, да, можело, секогаш може подобро и ние ќе работиме жестоко. Немаме друг избор, мораме работите да ги гледаме онакви какви што се и да нудиме решенија. Првична наша цел беше да го сопреме слободниот пад и во што успеавме, а потоа постепено да дојдеме до точка нула. Мора да кажам дека ние сè уште не сме дојдени до точка нула, се качуваме кон таму и очекувам некаде на пролет да дојдеме до таму, некаде во март – април. Потоа, да ја развиваме државата онака како што имаме намера. Дали беше доволно брзо? Мислам дека да, а дали можеше побрзо, можеше. Она што можам да ветам е дека жестоко ќе работиме,  напорно и чесно, за да покажеме дека можело да биде и поинаку. Со инвестиции и борбата против криминалот да ја вратиме надежта кај граѓаните дека ќе не биде. Сè останато е гола политика и празна политика и тоа не носи додадена вредност, потенцира премиерот.