Водата што протече од чешмите од градскиот водовод по интервенцијата во саботата на екипи на ЈП „Водовод и канализација“ е исправна за пиење.
– Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација Скопје денеска изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје кој беше во прекин со водоснабдување на 21.12.2024 година поради изведување на активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа. Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање – информираа од ЈП „Водовод и канализација“.
Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи – велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Во санацијата на главниот цевковод учествуваа 160 лица од техничкиот персонал и 150 административци од ЈП Водовод и канализација. Скопската градоначалничка Данела Арсовска го поздрави подвигот на вработените од претпријатието за како што кажа нивната храброст и за нивната стручност, овој повеќедецениски проблем да го решат за рекордно време.
– Не само што се модернизира туку со ова и се намалуваат загубите на вода кои што две децении од целокупната јавност дека се околу 60 проценти и дополнително ќе се овозможи подобрување на снабдувањето и на притисокот – изјави Арсовска.
За санирање на дефектот на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4 беше неопходно да се затвори главната водоводна цевка, со што најголем број општини неколку часа останаа без вода. По најавата дека околу 15 часа нема да има вода во поголемиот дел од градот, граѓаните се растрчаа по маркетите за да купат и ги испразнија рафтовите. Болниците кои се најдоа во делот од градот каде што сопре снабдувањето, добија цистерни и од тука црпеа.
(А.П.)