Дома КУЛТУРА Новогодишната музичка идила со Симон и пријателите – бесценет празничен подарок /ФОТОГАЛЕРИЈА

Новогодишната музичка идила со Симон и пријателите – бесценет празничен подарок /ФОТОГАЛЕРИЈА

53

Во арената „Борис Трајковски“ во организација на „Прагма продукција“, вечерва, на 20 декември, пијанистот со светски глас, маестро Симон Трпчески и пријателите приредија новогодишен концерт насловен како „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ – водејќи ја публиката низ светот на најубавите музички класици.

Во првиот дел од концертот можеше да се чуе свита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски со четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески му се придружи пијанистот Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент, активен во образовната дејност. Настапи дел од балетскиот ансамбл на НОБ и балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.

Во вториот дел од програмата беше резервиран за класичен репертоар и изведба на дела од Моцарт, Лехар, Верди, Штраус…, изведени од музичари меѓу кои и членови на ансамблот на проектот на Трпчески, „Македонисимо“. Присутните можеа да чујат  изведба и на избор од класици во поп музиката, како легендите Дин Мартин, Френк Синатра, Нет Кинг Кол…, до помладите Мараја Кери и Мајкл Бубле.

 

Нивните нумери прозвучека „во поинакво руво“, обработени специјално за овој концерт од композиторот Панде Шахов. На концертот настапија и двајца оперски солисти – сопранот Гонца Богоромова-Краповски и баритонот Иван Наумовски кои, рече, ќе дадат поинаква димензија на овие класици.

Фото:П.Стојановски