САД ја гледаат Кина како единствен конкурент способен да го преобликува меѓународниот поредок

84

Кина речиси за трипати го зголемила својот арсенал на нуклеарни боеви глави од 2020 година, стои во најновиот извештај на Пентагон за кинеската воена моќ објавен оваа недела.

– Американското Министерство за одбрана проценува дека НР Кина имала повеќе од 600 оперативни нуклеарни боеви глави до средината на 2024 година – им изјавил на новинарите висок официјален претставник на одбраната на САД, пренесе „АБЦ Њуз“.

Во 2020 година, Пентагон проценил дека кинеските нуклеарни резерви се состоеле од 200 нуклеарни глави, а, според американскиот извор, Народноослободителната армија продолжила со нуклеарното надградување, па се очекува до 2030 година да има повеќе од 1.000 глави.

– Кога ќе погледнете што се обидуваат да изградат овде, тоа е разновидна нуклеарна сила, која ќе се состои од системи што се движат од прецизни ударни проектили со низок дострел до интерконтинентални балистички проектили – ИЦБМ, во основа со различни опции на секое скалило на ескалацијата, што е многу поразлично од она на што се потпираа традиционално – рече функционерот.

Сепак, новиот нуклеарен арсенал на Кина сè уште е како џуџе во однос на оној на САД и на Русија.

– НР Кина се обидува да добие национална моќ за да го постигне она што го нарече Кси Џинпинг големо подмладување на кинеската нација до 2049 година и да го ревидира меѓународниот поредок во поддршка на системот на влади на НР Кина и нејзините национални интереси – брифира изворот.

Тој додава дека, и покрај економските неуспеси и неуспесите поврзани со корупцијата, кинеската војска постигнува постојан напредок и во модернизацијата на своите ненуклеарни капацитети.

– Тие, исто така, покажуваат одреден интерес за развој на нов конвенционален ИЦБМ, кој може да ги погоди Хаваите, Алјаска и континенталните САД. И мислам дека ова е делумно за да се одговори на она што го гледаа тие како долгогодишна асиметрија во способноста на САД да спроведуваат конвенционални напади против НР Кина и нивната децениска неспособност да допрат и да ги нападнат САД со што било друго, освен со нуклеарни и балистички ракети –вели изворот на „АБЦ Њуз“.

Во извештајот се наведува и дека армијата има слабости, па продолжува да го истакнува она што го нарекува „пет неспособни“, што е нејзин слоган според кој некои команданти не се способни да ги оценат ситуациите, да ги разберат намерите на повисоките власти, да донесуваат оперативни одлуки, да распоредуваат сили или да управуваат со неочекувани ситуации. Но и покрај сите нотирани слабости, американската национална безбедносна стратегија ја идентификува НР Кина како единствен конкурент со намера и сè повеќе со способност да го преобликува меѓународниот поредок.