Активностите за санација и децениски задоцнетата модернизација на главниот градски цевковод се очекува да завршат за помалку од 15 часа, во кои, како што соопштија од Дежурноинформативниот центар при јавното претпријатие „Водовод и канализација“, најмногу време се одвојува за празнење и за полнење на магистралниот водовод. Скопјани веќе неколку дена се во паника поради најавените активности и масовно купуваат вода, која веќе ја снемува од рафтовите во маркетите, а локалите веќе се обезбедени со полни канистери
Активности за санација и децениски задоцнетата модернизација на главниот градски цевковод се очекува да завршат за помалку од 15 часа, во кои, како што соопштија од Дежурноинформативниот центар при јавното претпријатие „Водовод и канализација“, најмногу време се одвојува за празнење и за полнење на магистралниот водовод.
Оттаму повторија дека за оваа цел е изготвен оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка за овој зафат, со цел негово брзо и ефикасно завршување.
– Главната цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и на притисокот во Општина Ѓорче Петров и во Карпош, со репарација на шест сегменти каде што, во изминати децении, се нотирани огромни загуби на вода. Со затворањето на главниот градски цевковод Ф1.600 милиметри поради санација на пет затворачи по должината на оваа линија, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Никола Парапунов“, ќе се замени нефункционалниот затворач Ф 400 милиметри на кружниот тек во Ѓорче Петров, ќе се репарира затворачот Ф600 милиметри на мостот „Обединети нации“, кој тече, заптивање на затворачот Ф700 милиметри на булеварот „Партизански одреди“, кој протекува и замена на затворачот Ф150, кој се наоѓа во таа шахта. Потоа, санација на затворачите Ф700 милиметри и Ф500 милиметри на улицата „Никола Парапунов“, како и замена на четири воздушни вентили – се наведува во соопштението.
Како што објаснуваат од Дежурноинформативниот центар при јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Секторот водовод првично ќе направи проверка за исправноста на воздушните вентили, испусти и хидранти поставени по должината на цевководот Ф1600мм, а по утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот.
Акцијата започнува денеска во раните утрински часови.
Од ЈП „Водовод и канализација“ апелираат до сите јавни чинители да внимаваат во изнесувањето информации и да не предизвикуваат страв и паника кај граѓаните за неколкучасовното немање вода.
Скопјани веќе неколку дена се во паника поради најавените активности и масовно купуваат вода, која веќе ја снемува од рафтовите во маркетите, а локалите веќе се обезбедени со полни канистери.
Во знак на солидарност и поддршка за пациентите и за здравствените работници во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, компанијата „Кожувчанка“ денеска донираше 8,5 тони природна изворска вода, со цел да помогне во справувањето со моменталниот недостиг на вода во главниот град.
(А.П.) Фото: (Ѕ.П.)