Бесплатниот автобуски превоз во Куманово ќе продолжи и во првите шест месеци од 2025 година, одлучи Советот на Општината на последната седница. Кумановци ќе можат бесплатно да се возат на 26 линии на јавниот автобуски превоз, кој како и досега ќе го субвенционира локалната самоуправа.
Како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски, новитет годинава е барањето на превозниците цената за изминат километар да се зголеми. Општината и превозниците се договориле да се зголеми за десет денари. Куманово ќе одвојува 50, наместо досегашните, 40 денари по изминат километар на превозниците.
– Куманово за среќа е еден од ретките градови каде има градски превоз, но е единствен којшто е субвенциониран – рече градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Тој нагласи дека линиите со мали недоследности одлично функционираат, а превозот го користат од 12.000 до 16.000 граѓани.
Куманово веќе трета година организира бесплатен превоз.
– Општина Куманово одвои уште 37,5 милиони денари за субвенционирање патници во јавниот линиски превоз од јануари до јули 2025 година и 3,5 милиони за меѓуопштинскиот превоз до Општина Старо Нагоричане – образложи раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.
Бесплатниот превоз го користат жителите од приградските средини, а дел од кумановци сметаат дека е прескап проект кој е во интерес исклучиво на жителите од неколку населби. Дел од граѓаните кои го користат пак велат дека некои ја злоупотребуваат мерката, се возат постојано, создаваат метеж и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот. Општината ја правда одлуката како оправдана, укажувајќи дека се ублажила енергетската криза, подобен е за семејниот буџет, намален е сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и мерката има позитивни ефекти во однос на намалување на аерозагадувањето.