Плоштадот „Македонија“ го краси најимпозантната Божиќна пештера во регионот 

3386

Плоштадот „Македонија“,  го краси највеличествената и најимпозантната Божиќна пештера во регионот која ги најавува Бадник и Божиќ – Рождеството Христово, најголемиот христијански празник.

Од Здружението Бадникови Поворки велат дека пештерата претставува вистинско ремек-дело на уметноста и традицијата.

-Оваа величествена божикна пештера е изработена по идеја на Ангел Мицевски, кој со својата непресушна креативна визија го осмисли целокупниот проект. Реализацијата, пак, е дело на искусниот вајар, Зоран Тошески кој заедно со својата сопруга Македонка, со посебно задоволство ја прифатија идејата за изработка на пештерата, волонтерски посветувајќи се на целиот проект и деноноќно работејќи со огромен труд. Зоран успеа да создаде дело кое на идните генерации ќе им сведочи за љубовта кон Бога, кон доброто и убавото. За пештерата да блесне во сиот сјај, се погрижи Влатко Павловски, кој исто така волонтерски се приклучи кон нашата мисија – се наведува во соопштението на здружението Бадникови Поворки.

Помагател на овогодишните Бадникови поворки во Скопје се градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, а поддршка дадоа и Град Скопје, но и сите скопски општини.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека сите посетители кои во текот на целиот месец ќе поминуваат на плоштадот „Македонија“, ќе имаат можност да уживаат во прекрасната глетка, но и да застанат, да се задлабочат и да размислуваат за тој Божиќен настан кој ја промени историјата на човештвото.