Доминик Пелико, човекот кој со години ја силувал својата поранешна сопруга и регрутирал други мажи да ја силуваат, е осуден на 20 години затвор. Уште 50 лица беа осудени на казни од три до 15 години.
Како и во текот на целото судење, жртвата Жизел Пелико и денеска храбро го напушти судот со крената глава и испрати важна порака до насобраните, но и до целиот свет кој го следеше ова судење.
„Сакав јавноста да го следи овој случај, никогаш не сум зажалила. Во моите мисли се и многу жртви кои не добиле правда, чии приказни остануваат во сенка. Сакам да знаете дека делиме иста борба“, изјави Жизел Пелико.
Насобраните пред судот во Авињон громогласно ја поздравија пресудата.
„Не знам дали ова ќе промени нешто во иднина, но се надевам дека ќе промени, дека овој случај ќе послужи како пример за сите“, рече Лорин Песегиер, активист.
Осудениот Доминик Пелико со години ја дрогирал и силувал сопругата, а на интернет нашол и други мажи кои го правеле истото. Сите заедно беа осудени на повеќе од 400 години.
Сепак, сите освен Пелико добија помали казни отколку што бараше обвинителството.
Потсетуваме, на компјутерот на Пелико беа пронајдени стотина снимки, како и фотографии на кои неговата ќерка и снаа се голи. Случајот ја шокираше француската и светската јавност, бидејќи се случи во мало гратче, каде сите се познаваат.
По изрекувањето на пресудата, адвокатот на Пелико даде еднакво шокантна споредба.
„На почетокот на случајот реков дека господинот Пелико не е нужно диригент, а другите не се членови на оркестарот. Меѓутоа, со оваа пресуда судот го осуди диригентот, одвојувајќи го од различните музичари кои го сочинуваат оркестарот. Не смееме да ја критикуваме одлуката, но имаме можност да се жалиме уште еднаш“, изјави Беатирс Заваро, адвокатот на Доминик Пелико.
Децата на Жизел Пелико кои застанаа покрај својата мајка жалат за малите казни за останатите учесници во злосторството.
Следеа реакциите на француските и светските политичари. Претседателот на француското собрание изјави дека светот никогаш повеќе нема да биде ист, заблагодарувајќи се на храброста на Жизел Пелико.
На Жизел за храброста и честиташе и германскиот канцелар Олаф Шолц. Сепак, активистите за човекови права предупредуваат дека овој случај не смее да остане симболичен, туку дека мора да донесе промени.
„Луѓето треба да сфатат дека живееме во свет на постојана закана од сексуално и родово насилство, дека треба да реагираме и да го спречиме, а не само да го санкционираме“, рече Јелена Манденг, активист и адвокат.