На свечената церемонија по повод доделувањето на годишните награди на Македонската берза за 2024 година, АЛКАЛОИД АД Скопје ги доби престижните награди за најтранспарентно котирано акционерско друштво според изборот на медиумите, најтранспарентно котирано акционерско друштво според изборот на пазарните учесници, акција на годината врз основа на резултатите од гласовите на пошироката јавност од заедничката анкета на Македонската берза и на порталот „Фактор“ и наградата за добри ESG-практики доделена од Македонската берза во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија.

Признанието за најтранспарентно котирано акционерско друштво компанијата го освојува по 12. пат и со тоа ја потврдува посветеноста кон највисоките стандарди на корпоративното управување. Транспарентноста во работењето и квалитетната комуникација со сите засегнати страни – инвеститорите, институциите, медиумите и јавноста – се основните вредности што доследно ги негува компанијата.

Наградите ја одразуваат решителноста на АЛКАЛОИД за одговорно работење, како и успешното спроведување на моделот за одржлив раст и развој. Наградата за добри ESG-практики е значајно признание за успешната имплементација на ESG-стандардите во работењето и за нивната интеграција во деловните стратегии, како и доказ за довербата што ја имаат сите засегнати страни во компанијата, а која ја мотивира да продолжи со постигнување врвни резултати и со создавање долгорочна вредност за инвеститорите, заедницата и за идните генерации.

Посветен на јасната предвидливост и на високите перформанси,  АЛКАЛОИД АД Скопје ќе продолжи да ги зајакнува овие принципи во годините што следуваат, останувајќи лидер во деловната етика и во корпоративната одговорност.